Девојчето внимателно го намести божиќното чорапче под елката. Секоја година добива многу подароци. Годинава не знае што да посака. Се засрами поради тоа.
Го отвори прозорецот за да му се порадува на снегот. Тогаш забележа една необична голема снегулка. Ја испружи дланката за да ја дофати и… Ги ококори очите…
Снегулката, всушност, беше мала игрива балерина. Таа се заврте на нејзината дланка. Имаше долга кристална коса. Го протресе убавото главче и се поклони: – Мојата култура ми наложува да се претставам. Јас сум Вера – рече. – Знаеш ли зошто ме викаат така? Затоа што верувам дека твоето срце е полно со добрина. Верувам дека има многу добрина во срцата на сите луѓе. И ти, пријателке моја, верувај во мене! Посакај да бидам често со тебе!
Девојчето подзина од чудење. Набргу на неговата дланка слета уште една снегулка. Со фустанче од памук и бисерни чевлички, беше прекрасна. И таа затанцува на неговата дланка, па со љубезна насмевка проговори:- Се викам Надежда и не сум случајно тука. Мојата цел е благородна. Јас треба да ги топлам срцето на луѓето со надеж. Верувај во мене! Посакај да бидам често со тебе.
На девојчето низ глава му минаа стотина прашања. Но за миг на дланката му слета една, досега најубава снегулка-балерина. Танцуваше најубаво од сите. На девојчето напати му се чинеше дека го кани да танцуваат заедно. Кога престана, ја бакна својата стаклеста дланка. Потоа дувна во неа за да го испрати бакнежот.
– Јас сум Љуба – потшепна снегулката. – Обожавам да дарувам љубов… и многу сакам да ми возвраќаат со љубов. Сакај ја и ти љубовта, девојче, и несебично подарувај ја!
На девојчето сѐ му се измеша во главата. Не знаеше дали сето ова навистина се случува. За да се увери, ги затвори очите и изброи до десет. Кога повторно ги отвори, на дланките имаше три големи капки вода. Ги изми со нив сонливите очи, а тие одеднаш го расонија подобро од кога било. Вера, надеж и љубов ѝ го стоплија срцето, и тоа потскокна до љубов. Сега знаеше што ќе посака за Божиќ: вера, надеж и љубов во срцата на сите луѓе.
Виолета Ѓуровска
(Од книгата „Сонови и од нив приказни“)