Фото: Пиксабеј

Првиот случај на западнонилска треска во Пелагонија е регистриран во општина Долнени. Засега, во останатите пелагониски општини нема евидентирани други случаи на заболувањето.

Општина Долнени е под надлежност на Центарот за јавно здравје Прилеп.

Во меѓувреме, пелагониските општини продолжуваат со превентивни активности за намалување на бројот на комарци, кои се преносители на вирусот.

Од Општина Прилеп информираат дека на 7 и 8 август била спроведена втората фаза од адултицидната дезинсекција против комарци. Активностите ги реализирал Центарот за јавно здравје Скопје, додека стручниот надзор го вршел Центарот за јавно здравје Прилеп. Со дезинсекцијата биле опфатени околу 800 хектари, односно урбаните заедници во Прилеп и околните села.

Во повеќето пелагониски општини во тек се втората или третата фаза од планираните активности за дезинсекција.

Од пелагониските општини, досега Битола започна и дополнителна дезинсекција, во соработка со Центарот за јавно здравје.

Од Општината објаснуваат дека вонредната ларвицидна и адултицидна дезинсекција е преземена поради актуелната епидемиолошка состојба во земјава и прогласената епидемија на западнонилска треска во делови од Скопје.

Целта е дополнително да се засилат превентивните мерки и да се контролира популацијата на комарци.

 – Општината редовно ги спроведува превентивните мерки во континуитет од 2005 година. Се третира на критичните точки кои ги означува Центарот за јавно здравје и ова е една вонредна мерка во интерес на заштита и превенција од болестите кои ги пренесуваат комарците, меѓу кои и западнонилска треска – изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Од Центарот за јавно здравје Прилеп апелираат и граѓаните да преземат мерки за намалување на условите за размножување на комарците.

Директорката Светлана Поповска-Кљусева препорачува да се отстранат сите стоечки води во дворовите, да се покријат бунарите и резервоарите и редовно да се чистат олуците. Се препорачува и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, како и користење репеленти.

Граѓаните треба да избегнуваат престој на отворено во вечерните и раните утрински часови, кога комарците се најактивни. Доколку мора да излегуваат во тој период, се препорачува носење облека со долги ракави и долги ногавици.

По регистрирањето на првиот случај во Долнени, магистерот по инженерство на животна средина Љупчо Стојановски предупредува дека општината не може да се третира како изолирана средина.

Според него, Долнени е директно поврзана со останатите пелагониски општини, вклучително и Битола, преку сообраќајната инфраструктура и секојдневното движење на луѓе, возила, автобуси и земјоделска механизација.

 – Неопходна е институционална меѓуопштинска координација во Пелагонија бидејќи комарецот не ја знае границата меѓу Долнени, Прилеп и Битола, ниту здравствените превентивни мерки смеат да застанат таму – вели Стојановски.

Тој смета дека превентивните активности треба да се спроведуваат навреме, пред да дојде до зголемување на бројот на заболени.

 – Јавното здравство мора да делува превентивно пред вирусот да стигне до клиничка фаза –  додава Стојановски.

По појавата на првиот случај во Пелагонија, надлежните продолжуваат со дезинсекција и апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од комарци.