Чешка е подготвена да помогне во процесот за надминување на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија и постигнување решение прифатливо за двете страни, порача денеска чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка при официјалната посета на земјава.
По средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид, Мацинка оцени дека прашањето повеќе не може да се третира како исклучиво билатерален спор.
– Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање – рече Мацинка.
Според него, Европската Унија има силен интерес од процесот на проширување и треба да го препознае напредокот што Северна Македонија го постигнала, како и отстапките што земјата ги направила во изминатиот период.
Чешкиот министер нагласи дека за надминување на спорот е потребен консензус, додавајќи дека Прага го смета принципот на едногласност за важен во функционирањето на Европската Унија.
Мацинка најави дека Чешка е подготвена активно да придонесе во разговорите, особено имајќи ги предвид добрите односи што ги има и со Скопје и со Софија.
Тој информираше дека чешкиот премиер Андреј Бабиш во следните три недели планира посета на Софија, при што прашањето за европската интеграција на Северна Македонија би можело да биде една од темите на разговор.
– Ние би сакале да придонесеме овие спорови да се надминат и да се постигне решение што ќе биде прифатливо за двете страни, бидејќи мислам дека тоа навистина вреди – порача Мацинка.
Муцунски: Јазикот и идентитетот не се предмет на преговори
Министерот Тимчо Муцунски повтори дека Македонија е подготвена да разговара за изнаоѓање решение со Бугарија, но јасно стави до знаење дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата не може да бидат предмет на преговори или услов за напредок во европските интеграции.
Муцунски рече дека Владата продолжува со дијалогот со европските институции и со земјите-членки на ЕУ, вклучително и со Бугарија, но како клучен услов го посочи обезбедувањето предвидлив европски пат.
– За нас е значајна предвидливоста, да знаеме дека нема да бидеме вреднувани врз основа на билатерални критериуми, туку дека нашиот пат ќе биде вреднуван врз основа на европски стандарди – истакна Муцунски.
Тој категорично порача дека Владата не е подготвена да преговара за прашањата поврзани со историјата, јазикот, идентитетот и културата.
– Ние за прашања поврзани со историја, јазик, идентитет и култура не сме подготвени да преговараме – рече Муцунски.
Според него, Македонија не бара посебен или привилегиран третман, туку фер и европски процес.
– Ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес – нагласи министерот.
Тој додаде дека земјата е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува нејзиниот напредок да биде оценуван според резултатите, заслугите и однапред утврдените европски критериуми.
Муцунски оцени дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ повеќе не е само прашање на проширување, туку и прашање на европската безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност.
Посетата на Мацинка на Охрид доаѓа во период кога Скопје настојува да обезбеди напредок во европските интеграции, додека Чешка сигнализира подготвеност да се вклучи во напорите за надминување на отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија.
Во рамки на посетата, Мацинка и Муцунски разговараа и за унапредување на политичката и економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, културата и образованието, како и за безбедносната соработка во рамки на НАТО.


































