Сè уште сме на темата „Скромноста како дар“ или, како варијација, талент. Дарот што го ценеше и го демонстрираше со животот меѓу луѓето и Христос не како мистика, туку како онтолошка и егзистенцијална реалност, како божјо озарение на личноста што го поседува него. Колку што ми е познато, пак, драг читателу, со овој редок елемент од Менделеевата таблица на човековите доблести не се имаат посебно, барем не длабински и скрибично, занимавано психолозите, го преспале, но затоа со него изобилно се занимавале писателите, почесто и како основна тема на нивното дело. Попрецизно речено, тоа е темата на малиот човек во литературата, која е, колку што нам ни е познато, карактеристична за руската литерарна класика од деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, темата на понижените и навредените, на која ѝ дава силен печат и Достоевски со своето прво дело „Понижени и навредени“. Во него така поставената тема проектирана онтолошки и егзистенцијално низ призмата на скромноста како богатство на битието ја изнесуваат фасцинантно убедливо главните ликови на романот Варвара Добросјолова и Макар Девушкин. Нивната сиромаштија и скапоцена скромност со кои го прифаќаат товарот на скрбната живејачка и судбина не се прифатени не како проклетство туку како редок дар од Господ што го крепи нивниот напор да истраат во животните искушенија на болка и страдање во ведрина и љубов. Темата на малиот човек исто така и посебно изобилно е присутна и во расказите на Чехов. Тоа е човекот што за компензација на својата егзистенцијална сиромаштија даруван со скромноста на душата е секогаш богат со благородни копнежи и соништа, кои на крајот на краиштата и само како илузија го откриваат во озарение, како што би рекол и Христос, небесното царство на тивката среќа во нивното срце. Тоа. А темата за која станува збор е штедро присутна и во руската поезија, кај Пушкин, Некрасов, Блок и другите. Ако фрлиме, пак, поглед врз македонската литература, и во неа ќе најдеме изобилство примери на темата малиот човек даруван исто така со доблеста на скромноста на душата како раритетно богатство со кое се преживува, но не само што се преживува туку и се слави животот наспроти сите удари на судбината. Особено експресивно таа и таква тема ја имаме во делата на Ташко Георгиевски и Живко Чинго.
Со други зборови, скромноста како божествен дар е всушност онтолошкиот рудник од кој човекот од низините, како што би рекол Конески, ги вади дијамантите на својата душа, елементарната радост и задоволство од скрбниот живот, посебно и денес во ова сурово време на капиталот и општеството организирано во држава, која Маркс ја опишува како „машина за притисок“. А, имено, во таквата неблагопријатна ситуација човекот надарен со талентот за скромност многу полесно може да го поднесе товарот на егзистенцијата од нескромниот, кој и материјално богат постојано е незаситен и несреќен кога гледа дека некои други имаат повеќе од него. Тој не го познава едноставно сјајот на елементарната среќа со која е озарен скромниот и малиот по ранг во општеството човек, тој што како во песната на Карл Сандберг „Среќа“ со своето и уште со семејството на пријателот, со жените и децата, една хармоника и бочвичка со пиво се веселат и бликаат од елементарна радост седнати на брегот од реката. И тоа е според поетот, што е основна поента на песната, дефиницијата за среќата, за која не знаеле ништо да му речат научниците и мудреците, ниту да ја дефинираат неа, а јасно како откровение ја дефинирала глетката на која наишол тој во својата прошетка покрај реката.
Тоа е така со малиот човек надарен со скромноста како богатство, која како кај јуродивите има и монашка нарав. Но неа ја поседуваат и некои индивидуи по ранг, некои звучни имиња од науката и уметноста, кои, некои меѓу нив, едноставно не само што се апсолутно рамнодушни кон материјалното богатство туку и се плашат да бидат богати. Таков бил генијалниот англиски поет и сликар и визионер Вилијам Блејк, кој, според сводочењето на еден негов пријател, се плашел да биде богат од една единствена причина да не го изгуби така своето духовно богатство што му го подарил Бог. А постојат и други гении слични на него, како што се на пример Микеланџело и Ван Гог. И за нив како за Блејк духовното богатство и уметничкиот талент биле сè, царството божјо. Така, додека Леонардо и Рафаел како вистински господа на ренесансата ја усогласувале и својата надворешност со раскошот на својата внатрешна духовна раскошност се облекувале во свила и биле чести гости на ручеците и забавите кај своите богати мецени, Медичите и другите, Микеланџело се клонел од тоа, секогаш во својот работнички костум и престилка борејќи се со огромните блокови мермер во кои според него спиела идеалната фигура, која вајарот, бидејќи е таа господова, едноставно требало само да ја откопа, ама без да ја рани притоа. Тоа била неговата едноставна дефиниција на вајарската уметност, на која тој ѝ се посветил како роб и така и го поминал својот живот сè до својата деведесетта година, со каменот, откривајќи ги заспаните ликови во него, аскетски, ама секогаш во божествена екстаза како дар и на неговата екстремна и фасцинантна егзистенцијална скромност. А како него, сијамски близнаци во сè, бил и јуродивиот уметнички аскет и монах Ван Гог, кој најпрвин слегувал во рудниците меѓу рударите за да им држи часови од Светото писмо, а потоа му се посветил во трансцендентално лудило на сликарството. Бидејќи бил екстремно сиромав, голтар, сликал и на салфетки, сè додека не му донел платна и бои неговиот брат Тео.
Тој бил трговец со слики, но не успеал да продаде ни едно платно од неговиот брат со чии дела денес заработуваат големи суми музеите што ги држат и живеат добро луѓето во нив. За иронијата, пак, да биде поголема, Ван Гог сепак успеал, гладен, за само еден ручек да му продаде една слика на докторот што божем го лекувал од неговото неизлечиво уметничко лудило.
Така. А за чудо, дарот или талентот на скромноста како скриен дијамант на душата понекогаш ќе го најдеме и кај некои гении за кои важи закоравеното мислење дека се тврди егоисти, каков што е Гете, за чиј карактер немал добро мислење дури ни Стефан Цвајг. Во еден свој есеј тврди дека тој намерно се однесувал егоистично кон Хелдерлин, кој барал од него суд за неговата поезија, а тој намерно, завидувајќи му на генијот што го препознал во него, се однел пежоративно кон неа, потценувајќи ја, што било причината според Цвајг да се забрза лудилото кај поетот. Да. Но, изненадувачки, еве што му изјавува во склоп на нашата тема за скромноста како дар германскиот гениј на биографот Екерман во неговите „Разговори за Гете“. Вели: „И покрај сите мои настојувања, сепак не станав уметник, но бидејќи се огледав во сите гранки на уметноста, научив да полагам сметка за секој потег и да го разликувам доброто од лошото. А тоа не е мала работа.“ Навистина чудно да го откриеме Гете во светлината на таква скромност, та дури да тврди и дека не се остварил и како уметник, за разлика од некои наши писатели, на пример, кои имаат и понадувана биобиблиографија од него. А што да речеме во тој контекст за една Емили Дикинсон, една од најголемите лиричари во светот, која само по наговор на нејзината пријателка објавила десетина песни во едно списание и толку. Не била заинтересирана за поетска слава, живеејќи во осаменост во Амерхест во американска Нова Англија, шетајќи катадневно покрај брегот на океанот во придружба на песот Карло додека во нејзиното битие цветало и се кревало раскошно Дрвото на поезијата недопрено од окото на јавноста и критиката, а своите песни честопати ги пишувала на салфетки што ги ставала несредено во фиоките на шкафот дома, како идно заветено непроценливо богатство на светската литература. И, еве, драг читателу, можеби имено Емили Дикинсон најдобро го илустрира советот на скромниот но духовно богат Пастернак дека не треба да се прават архиви на авторската суета и горделивост бидејќи единствената цел на творештвото, според него, е да зрачи.
Очигледно е дека на тој начин, парадоксално, скромноста ја наоѓа својата вредност, како скапоцен господов дар, кога ќе се спознаат шупливоста и надуеноста, празнословието на нескромноста, карактеристична посебно и за просечните и потпросечните уметници и интелектуалната каста што фарисејски надмено се гордее со интелектот, кој го презирал и Христос. Познато е неговото „блажени со бедните по дух“, кое некои не го разбираат бидејќи е добро зашифрирано и не е за мрзоволниот и плиток логички ум. Постојат во овој контекст, пак, и просветлени интелектуални умови што не се топорат со интелектот, како што е тоа на пример Сократ со неговата максима „Знам дека не знам“. Него пророчката од Делфи Питија и го прогласила за најмудар во Атина, имено, затоа што е единствениот во неа што бил свесен за своето незнаење. Независно од него, во Кина истата максима ја наоѓаме и кај Лао Це во неговото ингениозно дело „Тао“ (Патот).
А кај Индусите во таа смисла во нивните веди и упанишади синтагмата Големото незнаење го означува божјото знаење кое ја озарува душата само на скромните и длабокоумни духови и души.
Така, драг читателу, од сето напред изложено гледаме дека скромноста како божји дар или талент е многу поретка од нескромноста во светот на капиталот, кој го детектира пред две столетија и нешто уште Хелдерлин, па го постави драматичното прашање: Чуму поети во скудно време? Во едно такво скудно време на капиталот во кој духовното е фрлено на ѓубриште и само материјалното вреди, скромноста како скапоцен камен на душата ја откриваме само кај ретки индивидуи изделени од сивата интелектуалистичка, корпоративна и друга маса на капиталот. Но ако ме прашуваш мене, драг читателу, најсиромашни и далеку од божествениот дар и талент со име Скромност се луѓето од политиката, „луѓе без својства“, како што би рекол Роберт Музил во неговиот истоимен роман, во кој тој се занимава со безличниот пејзаж на човекот потопен во сивилото на постоењето диктирано од безличното општество од кое се исфрлени духот и уметноста на улица. Во контејнер. А луѓето без својства, особено оние од политиката, се и сурови во отсуство на дух и елементарно етичко и естетско чувство. Сите ние сме политичко животно, како што вели нашиот драг антички Македонец од Стагира, кого исто така го трупаат во грчка вреќа, иако Грците го бркале за да го убијат по смртта на Александар оти не е Грк. Вели, но сите не се добри и полни со бог како животните, оти сите не се homo politicus кој е лишен од откровение и спознанието за Бог и божественото. Кај нас исто така, бидејќи јазот меѓу луѓето од политиката и обичниот простодушен народ од низините за кого тие божем се грижат. Еден пример, доволен е, драстично го потврдува тоа. А тоа е она нивно екстремно самопокачување на платата за 78 проценти, за што по брза постапка си донесоа и амнестички закон, додека народот тоне во општа сиромаштија. И ни опозицијата не реагираше на таа за народот шокантна одлука. Сè беше под знакот на поговорката на Цепенков: „сложни попови и во петок мрсат“ или „врана на врана не вади очи“. А иронијата да прерасне во брутален сарказам пензионерите со нивните сакати синдикати одвај измолија покачување од пет проценти. А која е разликата, хијатусот меѓу пет и седумдесет и осум, а во склоп на нашата тема, драг читателу, меѓу скромноста на простодушниот народ и нескромноста на арогантниот и со надувано без покритие нарцистичко eго на homos politikus.
При самиот крај сме. Темата што ја избравме е широка како море без брегови, а ти ме прашуваш, драг читателу, иако немаме веќе простор дали покрај индивидуи постојат и скромни и нескромни колективи односно народи. Тука веќе сме на теренот на генерализации, што е малку опасно. Но сепак. Има. Во еден свој антрополошки запис нешто за тоа говори и мудриот гениј Иво Андриќ. Имено, тој ја анализира едноставно колективната психа од етички аспект на homo balkanicus, балканскиот човек, и психата на западниот, во што се земени како образец богатите Германци. Андриќ забележува дека тие се однесуваат од висина арогантно кон Балканците, сметајќи ги ариевски како некој вид пониска раса, па според тоа и се должни да ги гостат безрезервно гостите од Запад. Да. И веќе од тоа, драг читателу, можеме да заклучиме дека се скромни малите и сиромашните наспроти нескромните богати и големи народи, Балканците и Африканците наспроти западните колонизаторски народи, кои покрај култура и уметност добро го негуваат и својот нагон за варварство и материјално пљачкање туѓи народи. Но за тоа доста сме пишувале. Сега ставаме точка, со надеж дека сме погодиле во центарот со стрелата на темата на нашата колумна. Додуша не како зен-стрелците со врзани очи, но… Како што вели и Христос, кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе.
(крај)


































