Selo Caniste
Фото: Локална самоуправа Прилеп

Тажна е денеска глетката во селото Чаниште, Мариовско, по големиот пожар кој вчера зафати дел од селото и уништи повеќе од 15 куќи и други објекти.

Пожарот избувнал околу 13.30 часот надвор од селото, но за кратко време се проширил кон куќите. Во селото живеат околу десет жители, кои заедно со пожарникарите и останатите екипи се бореле да го спречат огнот да зафати и други објекти.

Ситуацијата била дополнително опасна поради неексплодираните гранати од Првата светска војна. Експлозии се слушале во текот на пожарот, и надвор и во близина на селото, што дополнително го отежнувало гаснењето и движењето на екипите на терен.

И денес продолжува интервенцијата на терен. Во гаснењето и спречувањето на ширењето на огнот учествуваат екипи на ТППЕ Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, Универзалната единица од Прилеп, „Македонски шуми“, доброволни противпожарни друштва, како и голем број жители кои помагаат во справувањето со пожарот.

Од терен, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека општината обезбедила логистика, човечки ресурси, храна и вода за сите лица кои учествуваат во гаснењето.

Тој апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни во периодот на зголемена опасност од пожари.

 – „Да не се палат стрништа, ниви, отпад и сува вегетација, да не се остава оган без надзор и граѓаните да бидат крајно внимателни при секое движење и работење во природа – порача Проданоски.

Жителите на Чаниште, кои сè уште се во шок од вчерашниот пожар, стравуваат огнот повторно да не се разгори. И покрај големата материјална штета, за среќа, нема повредени лица.

Ka.M.