Фото: МИА

Уште еден пациент со тешка невроинвазивна форма на западнонилска треска почина на Универзитетската клиника за инфективни болести, со што бројот на починати од оваа инфекција во земјава се зголеми на четири.

Станува збор за 76-годишен пациент кој 27 дена се лекувал на Клиниката. Кај него претходно лабораториски била потврдена невроинвазивна форма на инфекцијата, која ги зафатила мозокот и мозочната обвивка. Според директорот на Клиниката, Фадил Цана, пациентот имал и сериозни придружни заболувања, а леталниот исход настапил во доцните попладневни часови.

Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти со западнонилска треска. Од нив, 18 се лабораториски потврдени случаи, додека двајца се водат како клинички суспектни.

Пет пациенти се на интензивна нега поради потешка клиничка слика, а лекувањето, според Цана, се одвива согласно сите клинички протоколи.

Досега 15 пациенти се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.

Потврдена невроинвазивна форма кај 25-годишна пациентка

Цана информираше и дека кај 25-годишната пациентка, која претходно се водела како клинички суспектен случај, дополнително е потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска.

Во меѓувреме, синоќа на Клиниката е хоспитализиран и 24-годишен пациент од Центар, кој засега се води како суспектен случај. Резултатите од испитувањата треба да покажат дали и кај него ќе биде потврдена инфекцијата.

Сите хоспитализирани пациенти се од Скопје.

Најтешката форма бара болничко лекување

Директорот на Клиниката појасни дека не секој заразен со западнонилска треска мора да биде хоспитализиран, но пациентите кај кои се развива невроинвазивната форма задолжително се лекуваат во болнички услови.

Според Цана, невроинвазивната форма се развива кај околу еден процент од заразените и претставува најтешка форма на заболувањето.

Како особено значаен ризик фактор за тежок исход лекарите ја издвојуваат напредната возраст. Кај пациентите со тешка невроинвазивна инфекција, односно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, возраста претставува независен ризик фактор за неповолен исход.