Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече Велика Британија „исламска република“, критикувајќи го односот на британските власти кон Израел. Лондон оцени дека неговите коментари се „целосно неприфатливи“.
Во интервју за подкаст на израелското воено радио, Нетанјаху се осврна на новинарите Рандолф Черчил, син на поранешниот британски премиер Винстон Черчил, и Винстон Спенсер Черчил, негов внук, кои позитивно известувале за Израел за време на Шестдневната војна во 1967 година.
-Обидете се да најдете такво нешто во денешна Британија, која може да се нарече Исламска Република Британија – рече Нетанјаху со насмевка.
Откако водителот го праша дали слична оценка може да се даде и за остатокот од Европа, Нетанјаху одговори: „Да, но некој еднаш рече дека првата исламска република со нуклеарно оружје ќе биде Исламската Република Британија. Ние се грижиме да нема уште една таква овде, во Иран.“
Британската влада остро реагираше на неговата изјава.
-Овие коментари се целосно неприфатливи и прашањето го покренавме пред израелската влада – соопшти британското Министерство за надворешни работи, објави Гардијан.
Портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер, во интервју за Би-би-си, се обиде да го ублажи значењето на изјавата, наведувајќи дека Нетанјаху само повторил туѓ цитат.
-Тој цитираше нешто што претходно го кажал потпретседателот – рече Менсер, посочувајќи на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Венс даде слична изјава во јули 2024 година, за време на конференцијата на Националниот конзерватизам. Тој тогаш рече дека Велика Британија, по доаѓањето на лабуристите на власт, би можела да стане „првата вистински исламистичка земја што ќе добие нуклеарно оружје“. Изјавата предизвика критики од претставници на британската влада, објави Ројтерс.
Односите меѓу Велика Британија и Израел се влошија поради британските критики на израелската политика кон Палестинците. Велика Британија на 21 септември 2025 година формално ја призна Државата Палестина.































