Фото: „Нова Македонија“

МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

  • „Нова Македонија“, 5 февруари 1969 година: „Во Овчеполието откриена прва појава на нафта и гас во Македонија. За десет дена ќе се знае дали ќе може да се организира експлоатација на нафтата и гасот“

Плодородното Овче Поле, еден од житородните региони, е на добар пат во блиска иднина да прерасне во прво нафтоносно поле во Македонија. По повеќемесечни истражувања, работната единица на „Нафта-гас“ од Нови Сад, под раководство на инж. Зоран Миловановиќ, на дупката Овче Поле 1, близу селото Ерџелија, Светиниколско, наиде на првите слоеви на нафта и гас. Во неделата на 2 февруари, околу 10 часот претпладне од дупката длабока само 470 метри, изби силна ерупција на гас, со појава на нафта, што можеше да се види и од Ерџелија. Веста за пронаоѓање нафта и гас во ова место брзо се прошири во околните села, Свети Николе и во Штип. Со тоа конечно дадоа плод тримесечните напори на работниците и инженерскиот кадар на „Нафта-гас“, кои долго време посветено работеа на истражувањата во Тиквешкиот Басен и кај Свети Николе. Кога денес претпладне ја посетивме дупката Овче Поле 1, сегде владееше мир. Работниците Бјелиќ, Рајко Марковиќ, Благој Николиќ, Геза Келеман, Еленко Младенов и Василије Миличевиќ ги вршеа подготовките за инсталирање инструменти, кои, меѓу другото, треба да покажат колкави количества нафта и гас се кријат во длабината на Овчеполието. Додека го чекавме да пристигне раководителот инж. Зоран Миловановиќ од Свети Николе, водачот на смената Рајко Марковиќ нѐ информира дека овде се работи под мошне тешки временски услови, деноноќно во три смени, во кои работат 36 работници. Во тоа се уверивме и ние бидејќи од Ерџелија до дупката тогаш, што се издига 47 метри високо, може единствено да се стигне со трактор, џип или со „ланд ровер“.
– Едвај успеавме да ја сопреме силната ерупција на нафта и гас – ни рече Рајко Марковиќ и ни објасни дека доколку со тоа не се успеело можело да се случи најлошото.
Сега ерупцијата, како што гледате е сопрена, и таа ќе се пушти кога за тоа ќе бидат извршени подготовките за експлоатација. За првите резултати во истражувањата на „Нафта-гас“ во нашата република, потоа разговаравме со инж. Зоран Миловановиќ.

– Во соработка со Републичкиот фонд за истражување за минерали, „Нафта-гас“ веќе три години работи на откривање нафта во Македонија. Досега извршивме две дупчења во Тиквешкиот Басен и кај Свети Николе, но токму овде, на Овче Поле I, го најдовме она што толку долго го баравме. Ова се први појави на јагленоводород во досегашните истражувања, кои даваат големи надежи и поттик на истражувачите за натамошни работи и истражувања во Овчеполието и во Македонија – истакна тој.
Ова е затоа што гореа примероците од гас што беа исфрлени од ерупцијата при палењето, а исто така и трагите на нафта. Значи, додаде тој, се работи за јаглен водород за кој се трага во Македонија, која, патем речено, сѐ уште е дефицитарна со енергетски извори. Меѓутоа, колку оваа појава за која говорев е интересна за организирање на едно идно производство, за тоа засега не може ништо одредено да се каже, оти сега на дупката Овче Поле I се преземени мерки за обезбедување на снимањата за испитувања на овие појави, што ќе бидат познати дури за десетина дена. Без разлика на резултатите, работите на Овче Поле I ќе продолжат со проектирање во длабочина за да се испита дали во подземјето не постојат уште позначајни појави од овој карактер.

Интересно е да се обележи дека ерупцијата на нафта и гас на Овче Поле I е предизвикана само со неколку дупчења што почнаа од 20 јануари наваму. Длабочината од 470 метри е постигната само за девет дена, што говори дека овие појави можат да се манифестираат и на поголема длабочина. Во секој случај, веста за првата појава на нафта и гас во Овчеполието ги зарадува не само екипата работници што овде работат туку и населението од целиот овој крај. Затоа истражувањата ќе продолжат наскоро и на другите терени и структури во Овчеполието, а исто така повторно ќе се вршат и во Тиквешкиот Басен. За сите овие истражувања ќе се потрошат 13 милиони нови динари, од кои „Нафта-гас“ учествува со три милиони динари.

С. Прилепчански, Штип, 4 февруари, 1969

(продолжува)


Веста за откритието веднаш се проширила низ земјата

Новинарите, кои пристигнале на теренот, разговарале со инженерите. Луѓето во околните села на Свети Николе и Штип биле пресреќни, бидејќи изгледало како Македонија да е на чекор до сопствени извори на гориво. Она што денес малку се памети е дека Овче Поле не било единственото место каде што се барало црното злато. Пред да се случи ерупцијата кај Ерџелија, инженерите веќе работеле на југ. Главниот инженер на операцијата, Зоран Миловановиќ, за весникот објаснил каде сè се дупчело пред тој февруари: „Досега извршивме две дупчења во Тиквеш и кај Свети Николе, но токму овде, на Овче Поле I, го најдовме она што толку долго го баравме“.
Тиквешкиот Басен бил меѓу првите локации каде што се пребарувало подземјето. Иако тие први две дупчења во Тиквеш не покажале силен притисок како во Овче Поле, планот бил истражувањата да не запрат таму. Весникот открива дека планот предвидувал натамошни големи инвестиции: „Затоа истражувањата ќе продолжат наскоро и на другите терени и структури во Овчеполието, а исто така повторно ќе се вршат и во Тиквешкиот Басен. За сите овие истражувања ќе се потрошат 13 милиони нови динари“.
По првичната еуфорија, истражувањата наеднаш застанале, а дупката во Ерџелија била запечатена со бетон. Низ годините, ова запечатување родило многу приказни – дека некој намерно ја спречил работата, дека имало многу вода што ќе го поплавела полето, но и дека некој политичар од минатиот систем ја скрил вистината. Според стручните анализи на нашите професори и геофизичари, Македонија не е целосно истражена земја. Нашите басени во Овче Поле, Тиквеш, Струмица и во Пелагонија се настанати во периоди кога на овие простори имало езера и мориња, што значи дека теоретски постојат услови за создавање јаглеводороди. Вистината е дека Македонија има одреден потенцијал, кој едноставно бара многу пари, трпение и модерна технологија за да се испита докрај. Сè додека не се направат нови длабоки истражувања, приказната од февруари 1969 година ќе остане убав спомен на едно време кога за момент старите поверувале во приказната за црното злато.


Нафта и парафински шкрилци

На територијата на Р Македонија засега не е констатирана нафта. За терцијарните басени се претпоставува, поради тоа што располагаат со доста дебели седименти, дека може да бидат нафтоносни. Меѓутоа досега се вршени само претходни истражувања и тоа нешто пообемни во Овче Поле, но позитивни резултати не се добиени. Наспроти нафтата, парафински шкрилци во Македонија се откриени во пет локалитета: с. Плешинци кај Пробиштип, с. Бељаковце кај Куманово, с. Црцорија кај Крива Паланка, с. К’шање кај Свети Николе и с. Смојмирово. Меѓу нив најперспективно е наоѓалиштето кај с. Плешинци каде што парафинските шкрилци се јавуваат во должина од 4,5 километри и средна широчина од еден километар. Дебелината на шкрилценосниот слој изнесува до 100 метри. Вкупните резерви се цени дека изнесуваат околу 250 милиони тони со просечна содржина на масленост од 6,9 отсто. Тоа е ниска содржина, поради што тие засега и не се експлоатираат.

Нуклеарни суровини

На територијата на Р Македонија веќе долго време се вршат испитувачки работи за откривање нуклеарни суровини. За републиката, се смета дека тие имаат посебно значење. Појава на нуклеарни суровини, особено уранов оксид, се забележани во следните локалитети: Злетовска Река, Подареш, Витолиште, Куклиш и Селце. Рудните резерви се проценети на 1.507.000 тони руда, односно 760 тони уранов оксид. (Нацрт-просторен план на РМ). Н.Р.

м-р Никола Ристевски