МОЖЕБИ МИРИСА НА КООРДИНИРАНА АКЦИЈА ИЛИ ОСМИСЛЕНА СТРАТЕГИЈА
- Откако генерации прогонети Македонци од егејскиот дел на Македонија, денешна Грција, останаа без имоти, без државјанства, многу и без контакти со своите семејства, денес на наследниците на тие Македонци, меѓу кои и илјадници на децата бегалци, Атина им нуди грчки пасоши. Не, не им нуди рехабилитација или помирување, туку ги тера доброволно да го признаат тој геноцид и да станат модерни Грци
Пред неколку месеци „Нова Македонија“ објави анализа со наслов „На Балканот се сеат пасоши, што ќе донесе жетвата во Македонија“? Анализата беше поттикната од трендовите за масовни издавање пасоши без некои поголеми тешкотии, особено тоа може да го патентира Бугарија, која во брзи процедури им издава пасоши за Македонци, Срби, Молдавци, Украинци… И една поранешна министерка беше вплеткана во пасошки коруптивен скандал, но ниту Брисел, ниту, пак, Стразбур не ја спречија таа жетва на пасоши. Потоа се појави во јавноста албанскиот десничар, лидер на Црвено-црна коалиција, Кршник Спахиу, кој повика на „една нација, еден пасош“. Неодамна, пак, сегашниот премиер на Албанија, Еди Рама, јавно изјави дека ако еден ден неговата земја стане членка на ЕУ, Албанија нема да им издава пасоши на Македонци како што тоа го прави Бугарија. На ова може да следуваат два брзи коментара – добра позиција на Еди Рама и вториот – дали тоа не зборува потсвеста, нели е во прашање фројдовска грешка?! Што го натера Рама за ваква изјава?
РЕАКЦИЈА – ОБИД ЗА НОВА АСИМИЛАЦИЈА
Сеењето пасоши не е случајно во Македонија, а може да се очекува жетва погубна за македонската нација. Овој ризик е оправдан, зашто и Бугарија, а сега се појавува по неколку години чекање од постигнувањето на Преспанскиот договор и Грција, која објави повик до сите што имаат грчко потекло да поднесат барање за државјанство или за натурализација. Тоа се два различни процеса, но крајниот резултат треба да биде ист – некој овде во Македонија има можност да стане Грк. Што се случи во Атина, и тоа сега под раководство на Киријакос Мицотакис, да го сврти историскиот лист и да овозможи давање грчки државјанства, а за некои тоа би било враќање на тој статус. Ни малку лесно прашање, затоа што станува збор за еден тежок историски контекст.
Во редакцијата добивме писмо од еден Македонец, чии родители се со потекло од Егејска Македонија, со жестока реакција.
– Ова е обид за нова асимилација, но не видов реакција од македонските власти. Не станува збор за враќање на државјанствата или за почитување закони и права, тоа Грција одамна го заборавила кога се Македонците во прашање. Мојот татко, кој се изјаснувал за Македонец, како и неговото семејство, е заведен со грцизирано име и презиме, а со акт му е одземено грчкото државјанство во 1944 година. Тоа е отпуст од државјанство и тој како дете станува апатрид. Тој е еден од илјадниците деца бегалци. Татко ми е починат и затоа сега прашувам – дали ние сме на ред за асимилација речиси 90 години подоцна, откако неколку генерации Македонци беа протерани и останаа и без семејствата и без имотите – прашува тој, кој инсистира на анонимност плашејќи се од можни последици по неговото пошироко семејство.
ДАЛИ СЕ КРШИ ПРЕСПАНСКАТА СПОГОДБА?
Во оваа изјава на анонимниот граѓанин има многу важни поенти, а една е дека овој процес може да се толкува и како кршење на членот 4 став 3 од Преспанската спогодба во кој се стипулира: „Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата Страна, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани“.
И покрај ова јасно објаснување, сепак, потегот на Атина кажува дека за неа не се важни одредбите, туку нејзините намери. Но за нас ова би требало да се смета за директно мешање во внатрешните работи на Македонија.
Сепак, Атина не влегува во оваа нова фаза случајно. Станува збор за една стратегија, која се обелоденува во 1982 година со еден важен министерски декрет, која сега добива нова форма. Практично преку Преспанската спогодба, Грција ни влегува дома на бугарски начин, а процесот е во тек – сеење пасоши. И не е само тука, туку тој се одвива и во дијаспората, па така, јадицата е фрлена, на пример и во Америка. Грчката држава ги поттикнува „своите граѓани“ да земаат грчки пасоши.
ЦЕЛ КУП ДИСКРИМИНАТОРСКИ ОДЛУКИ
Неколку дискриминаторски одлуки во однос на Македонија, кои ги спроведува Грција, систематски се фундаментални кога го анализираме сега овој нов процес со државјанствата. Јасно е дека генерациите протерани од Грција за време и по Граѓанската војна, но и подоцна во неколку брана, се однесуваат главно за наследниците на таканаречените политички имигранти, како и на децата бегалци. Се проценува дека во периодот на Граѓанската војна, Грција ја напуштиле околу еден милион жители, како и најмалку 28.000 деца раздвоени од нивните родители. Иако Грција се претставува како колепка на демократијата и се смета за дел од западната цивилизација, исто така демократска, таа сепак на Македонците им ги одзема државјанствата, имотите и други права со декрети, а не во судски постапки. Станува збор за имоти со проценета сегашна вредност од неколку милијарди долари!
Ќе наведеме неколку клучни дискриминаторски одлуки со кои на Македонците им се одземени државјанствата и им е конфискуван имотот, на многу никогаш не им е вратен и не биле обесштетени: Декретот Н од 20 април 1947 година, Декретот М од 20 јануари 1948 (конфискација на имотот), Декретот Н од 2 април 1948 (откажување од правото на наследство) и уште редица други акти и механизми донесени до 1952 година, а со сите нив се негираат државјанството и семејната сопственост. Со декретот, пак, од 1962 година бр. 4234, Грција повторно ги воведува законските акти со кои им го конфискува имотот на политичките имигранти и им го негира правото да се вратат.
ПРЕСВРТНАТА 1982 ГОДИНА
Еден од клучните пресвртни моменти се случува во 1982 година кога Грција донесе закон со кој им се дозволуваат репатријација и враќање на грчкото државјанство, кој содржи суштински ограничувања. Најважен е Министерскиот декрет бр. 106841, кој го прогласува наведениот закон број 400/76, кој предвидува: „можат да се вратат во Грција сите Грци по гени (по род), кои ја напуштија Грција за време на Граѓанската војна 1946-1949 година иако го загубиле грчкото државјанство“.
Политиката на Атина предвидува државјанства само за Грци по род, а Македонците тоа не се. Или нешто во меѓувреме се сменило?
Да, многу е смената состојбата, а клучната промена е добиена со Преспанската спогодба со која Македонците со министерските потписи на Македонија (Никола Димитров) и на Грција (Никос Коѕијас) рекоа дека Македонците во Северна Грција (а сега Атина гордо истакнува дека е тоа Македонија) не се исти со Македонците во Република Македонија, сега Северна. Во тој договор е јасно кажано дека Македонците во Грција се дел од античкиот хеленистички период и припаѓаат на таа култура и цивилизација, а ние Македонците овде тоа не сме. И сега оваа квазиамнестија што ја нуди Грција се однесува само и само за оние Македонци што имаат потекло од денешна Грција. Децата на судените, протераните, избрканите, со одземените државјанства, безимотните…
Во објавите на страниците на грчкиот конзулат во Битола јасно се наведени постапките како да се бара државјанство или процес на натурализација (по роднински врски), а притоа се потсетува дека апликациите треба да бидат во согласност со одредбите во Преспанската спогодба, а тоа меѓу другото значи и почитување на грчкиот јазик, грчките топоними, но и треба да се наведат грцизираните имиња на родителите. Значи не имињата што тие луѓе ги добиле изворно, не македонските имиња и презимиња, никако. Тоа е нагласено.
Христо Ивановски
„Грција има потреба од вас“
Оваа можност за аплицирање преку грчките дипломатско-конзуларни претставништва не значи дека Атина ги рехабилитира оштетените Македонци – напротив, нивната казна си останува и по нивната смрт, а нивните наследници треба доброволно да го потврдат тоа и да прифатат идентитет што Грција им го нуди на тацна со издавање пасош. Не им се нуди ниту можност за враќање на имотите, иако тоа некој ќе рече би требало да биде работа на судовите. Но дали е токму така? Праксата покажа дека во огромен број случаи враќање на имотите е невозможно, затоа што во најголем дел тие се отуѓени и се во сопственост на различни субјекти.
Од тоа што го детектиравме, интерес за грчки пасоши постои, иако засега не толку голем. Многу работи не се сосема јасни, иако е јасна намерата на Атина, која совршено прецизно влегува во нова фаза на остварување, односно бришење на Македонците и на нивниот етнички код. Кога во Нивици се потпишуваше „конечната спогодба“ сигурно го знаеле ова, ама не сакале да ни го кажат?! Или можеби не го виделе или, пак, и не им било важно. За Атина, пак, прашањето е многу важно. Нивната амбасада во Скопје упати јасен и недвосмислен повик: „Грција има потреба од вас. Зајакнете ја вашата врска со вашата татковина“.
Од уреднички агол
По статистичката гума, Македонците во нова идентитетска центрифуга Пасошот – новото пусулче на патеката на самоукинувањето
- Како се прави асимилација во 21 век, без прогон, без забрани, без бодликава жица… само со еден формулар и ветување за подобар живот
Некогаш асимилацијата имаше лице на полициски службеник. Денес има лице на службеник на шалтер. Некогаш ти го земаа името. Денес ти велат кое име да го запишеш. Некогаш ти го одземаа државјанството. Денес ти нудат ново. Некогаш ти го конфискуваа имотот. Денес ти даваат пасош. И токму затоа современата асимилација е многу поопасна од онаа што ја паметиме од историјата. Зашто веќе не изгледа како насилство. Изгледа како привилегија. Во Скопје деновиве одекнува една порака од Атина: „Грција има потреба од вас. Зајакнете ја вашата врска со вашата татковина“. Пораката не е измислена. Таа е објавена во контекст на информациите за можностите за стекнување грчко државјанство за лица со грчко потекло. И тука треба да застанеме. Да не брзаме. Да ја прочитаме реченицата уште еднаш. Вашата татковина. Чија татковина? И според чија историја? Зашто ако станува збор за потомци на луѓе што биле протерани од Егејска Македонија, чии семејства биле разделени, чии имоти биле одземени, чии имиња биле менувани или грцизирани и чии државјански права биле предмет на политички и правни одлуки, тогаш прашањето не може да се сведе на тоа дали некој сака грчки пасош. Прашањето е: Што точно потврдува тој пасош?
2. Официјалните грчки правила за стекнување државјанство по потекло се засноваат на докажување на линијата на потекло и на документи од грчките предци. За лицата од грчко етничко потекло постојат и посебни натурализациски процедури. Правно, тоа е државјанство. Политички, меѓутоа, приказната може да биде многу поголема. Зашто кога потомок на протеран Македонец од Егејска Македонија треба да ја докажува својата врска со Грција преку историската документација што ја создала грчката држава, се отвора прашањето дали институцијата што некогаш го одредувала неговиот статус сега повторно го одредува неговиот идентитет. И тука е суштината. Асимилацијата не мора да ти каже: „Не си Македонец“. Доволно е да ти каже: „За да бидеш наш, потврди ја нашата верзија за тоа кој си“. Историјата на политичките бегалци од Грција не е празна страница. Постојат добро документирани историски спорови околу одземањето државјанства, ограничувањата за враќање и имотните права, како и околу критериумот „Грци по род“ во политиките на репатријација во 1980-тите. Токму затоа денешниот момент е толку ироничен. Прво: Не можете да се вратите. Потоа: Не сте Грци по род. А денес: Повелете, докажете дека имате грчко потекло. Но што се случува со оној човек чиј дедо бил Македонец? Со оној чие семејство било протерано? Со оној чии предци биле заведувани под грчки имиња? Со оној чиј татко никогаш не можел да се врати во својот роден крај? Дали сега, по толку децении, потомокот треба да го прифати токму оној административен идентитет што некогаш му бил наметнат? Тоа не е мала работа. Тоа е прашање за историска правда.
3. И тука стигнуваме до најперфидниот дел. Не ти го земаат македонскиот идентитет. Ти нудат нешто за да престанеш да ти биде важен. Не ти велат: „Заборави ги предците“. Туку: „Еве ти европски пасош“. Не ти велат: „Откажи се од Македонија“. Туку: „Зајакни ја врската со својата татковина“. Само што во таа реченица веќе е даден одговорот на прашањето која е татковината. Ако го прифатиш тој одговор, следниот чекор е лесен. Децата ќе го наследат пасошот. Внуците ќе го наследат презимето во документите. Правнуците ќе ја наследат официјалната семејна биографија. И еден ден некој ќе праша: „А дедо ти од каде беше?“ Ќе го отвори пасошот. И наместо семејна приказна ќе има административен одговор. Грк. Тука лежи суштината на новата балканска геополитика. Не мора веќе да освојуваш територија. Освојувај го регистарот. Не мора да го менуваш човекот. Менувај го документот. Не мора да го протераш. Направи неговите деца да сакаат да станат нешто друго. Тоа е многу поевтино. Многу почисто. Многу подемократски. И многу поефикасно.
4. Затоа и бугарскиот модел на масовно стекнување државјанства врз основа на потекло не треба да се гледа само како конзуларна или административна политика. Ако државјанството стане инструмент за создавање политичка и национална припадност надвор од границите, тогаш пасошот станува геополитички инструмент. И тука Рама има една симптоматична реченица. Кога албанскиот премиер вели дека Албанија, ако еден ден стане членка на ЕУ, нема да им издава пасоши на Македонци по бугарскиот модел, тој можеби само кажува една политичка позиција. Но зошто токму пасошите? Зошто токму Македонците? И зошто токму сега? Можеби е случајност. Можеби е порака до Софија. Можеби е предупредување за една нова балканска трка. А можеби е и она што Фројд би го нарекол грешка што открива нешто повеќе од намерата. Во секој случај, реченицата вреди да се запамети.
5. А ние? Тоа е вистинското прашање. Не треба никому да му забранува странски пасош. Не треба да ги прогласува сопствените граѓани за предавници ако бараат подобар живот. Тоа би било и глупаво и неправедно. Но мора да разбереме дека државјанството е само почетокот на проблемот. Ако млад човек заминува затоа што таму има работа, тоа е економски проблем. Ако зема странски пасош за полесно да патува, тоа е практична одлука. Но ако неговите деца растат во систем во кој нивната семејна историја постепено се преведува во туѓа национална приказна, тогаш тоа веќе е нешто друго. Тоа е демографија. Тоа е култура. Тоа е идентитет. Тоа е политика. И тука Преспанскиот договор станува неизбежен дел од дебатата. Во неговиот член 4 став 3 стои обврска страните да не ги користат своите уставни одредби како основа за мешање во внатрешните работи на другата страна, вклучително и во однос на статусот и правата на лица што не се нејзини граѓани. Дали политиката на стекнување државјанства по потекло е во рамките на сувереното право на Грција да го уредува своето државјанство? Секако дека тоа е сериозен правен аргумент. Но има и второ прашање: Каде завршува правото на државата да определува кој може да биде нејзин граѓанин, а каде започнува нејзината политика на идентитетско влијание врз граѓаните на друга држава?
Тоа прашање не треба да го решаваат колумнистите. Треба да го решат институциите. Со право. Со документи. Со дипломатски ноти. Со анализа. Со одговор. Зашто најопасната грешка што може да ја направи Македонија е да каже: „Тоа е само пасош“. Не. Пасошот е само хартија. Но зад хартијата стои припадност. Зад припадноста стои историја. Зад историјата стои меморија. А оној што ја контролира меморијата, на крајот ја контролира и приказната за тоа кои сме.
6. Пред деведесет години асимилацијата можела да дојде со декрет. Денес може да дојде со линк. Со формулар. Со конзуларна процедура. Со можност за државјанство. Со европски пасош. Со ветување за подобар живот. И токму затоа е толку опасна. Зашто никој не те тера. Ти сам избираш. А кога една политичка стратегија ќе успее да направи човекот доброволно да избере да ја напушти сопствената историска приказна, тогаш асимилацијата го постигнала својот совршен облик. Без забрана. Без прогон. Без еден испукан куршум. Само со еден потпис. И затоа, ако денес се сеат пасоши, утре не прашувајте кој ги поделил. Прашајте: Кој ќе ја жнее жетвата? И уште поважно: Што ќе остане од Македонците кога ќе заврши жетвата? Пусулчето, секако…
Далибор Станковиќ
Дијаспора, иселеништво и македонски државјани – што е разликата?
- Се претпоставува дека македонската дијаспора опфаќа над 700.000 луѓе. Клучното прашање е како Македонија да креира државна
политика за соработка со неа. Дали со издавање пасоши или според германскиот и италијанскиот модел на соработка преку институти каде што се изучуваат германскиот или италијанскиот јазик?
Во јавноста често се користат поимите „дијаспора“, „иселеништво“ и „македонски државјани“ како да имаат исто значење. Сепак, тие означуваат различни категории и нивното правилно користење е важно, особено при пописи, избори и креирање државни политики. Дијаспора е најширокиот поим. Тој ги опфаќа луѓето со македонско потекло што живеат надвор од Македонија, без разлика дали имаат македонско државјанство или не. Во оваа група спаѓаат и нивните деца, внуци и следните генерации што се чувствуваат поврзани со Македонија преку своето потекло, јазик, култура или традиција.
Во Австралија, на пример, има луѓе што сѐ уште себеси се нарекуваат Македонци иако нивните предци се доселиле од историска Македонија, од кои најмногу од Леринско, Костурско, Солунско и Битолско уште пред 120 години. Иселеништво се однесува на лицата што се иселиле од Македонија и живеат во друга држава. Најчесто станува збор за првата генерација иселеници, без оглед дали го задржале или го промениле своето државјанство.
Македонски државјани се сите лица што поседуваат државјанство на Република Македонија, без разлика дали живеат во државата или во странство. Некои од нив се дел од дијаспората затоа што живеат надвор од Македонија, додека други се жители на државата и не се сметаат за дел од дијаспората. Разликувањето на овие поими не е само прашање на терминологија. Тоа има практично значење при изработка на статистики, организирање пописи, остварување на избирачкото право, како и при планирање политики за соработка со Македонците низ светот.
Со правилна употреба и разјаснување на овие термини се добива појасна слика за бројноста, структурата и потребите на Македонците и нивните потомци што живеат во татковината и надвор од неа, што е од особено значење за зачувување на македонскиот национален идентитет и зајакнување на врските со иселениците и дијаспората.
Повеќе од 700 илјади луѓе со македонско потекло живеат во САД, Канада, Австралија, Велика Британија, Западна Европа и во други земји. Македонската дијаспора, како директен резултат на историјата на македонскиот народ и разни историски пресврти што се случија во земјата во текот на минатиот век, стана составен дел од основата на денешниот македонски дух.
Кој би бил реалниот интерес на Република Македонија да се поврзе со толку различното македонско население во странство? Што треба да се направи? Поседувањето македонски пасош или седиште во македонскиот парламент за некој што има македонско потекло и никогаш не стапнал во Македонија е многу благородно. Прашање за длабока анализа е дали е тоа најсоодветно или најреално, или е попрактично да се примени германскиот или италијанскиот модел на интеграција со дијаспората што се одвива преку институтите „Гете“ или „Данте Алигиери“, при што во фокусот е изучувањето на јазикот.
Зоран Ќосески, наш специјален соработник од Перт
Авторот е почесен конзул на Република Македонија во Перт, Западна Австралија

































