КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ
- Во првиот натпревар од разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место, Македонија загуби од Ирска со 58-83
Македонската кошаркарска репрезентација (до 16 години) претрпе пораз со 58-83 од Ирска во првиот натпревар од разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место на Европското првенство (ЕП) за кадети, дивизија Б. Во „Т Арена“ во Скопје, македонските надежи одиграа рамноправно само во првото полувреме, имајќи негатива од еден коша (19-20), додека на паузата резултатот беше 25:37 за Ирците. Клучниот момент на натпреварот се случи во третата четвртина, кога црвено-жолтите постигна само осум поени и имаа голем пад во играта во одбраната. Ирска знаеше да го искористи тоа, направи разлика, која до крајот Македонија не успеа да ја надомести.
– Ова беше нашето најлошо полувреме на првенството. На играчите ќе им дадеме јасна анализа и ќе разговараме за грешките, но повторно ќе повторам – ако не можеме да заградиме играч, а тоа е пред сѐ волја за борба, тогаш многу тешко можеме да победиме. Мора веднаш да го смениме лицето. Да покажеме борба и секој да го остави срцето на теренот. Нема да се предаваме. Сакаме ова првенство да го завршиме со вистинското лице на оваа репрезентација – рече по поразот македонскиот селектор Дејан Стојановски, пренесе КФМ.
Во последните десет минути, Македонија се обиде да се врати во мечот, но Ирска продолжи да ја контролира играта и на крајот убедливо славеше. Илија Коневски, Дион Шабани и Александар Зунзуровски беа најефикасни во македонските редови со по 13 поени, додека кај Ирска, Нојус Васикаускас и Оливер Етери уфрлија по 17 поени. За македонските кадети вчера следуваше нов предизвик во борбата за пласман на 13-то место, а ривал им беше Унгарија. Г.И.

































