МВР досега повика 13 лица на информативен разговор во рамки на истрагата за ширењето лажни информации на социјалните мрежи дека водата за пиење во Скопје била загадена, пренесе МИА.
Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика информираат дека со сите 13 лица бил извршен службен разговор. Тие навеле дека објавите или информациите ги споделиле откако претходно виделе слична содржина на социјалните мрежи или ја слушнале информацијата од друго лице.
Од МВР велат дека ниту еден од повиканите не посочил конкретен, потврден или веродостоен извор со кој би ги поткрепил тврдењата за наводното загадување на водата.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика продолжува со прибирање и анализа на податоци, со цел да се утврдат сите околности поврзани со случајот, како и начинот на кој информациите првично се појавиле и потоа се ширеле на интернет.
МВР предупредува дека ширењето непроверени и неточни информации, особено кога се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните, може да предизвика неоправдана паника и вознемиреност во јавноста.
Од Министерството апелираат граѓаните да не споделуваат информации чија точност не е проверена и да се информираат преку официјални и релевантни извори.
„Одговорното користење на социјалните мрежи и проверката на информациите пред нивно објавување или споделување се од суштинско значење за спречување на дезинформации и заштита на јавниот интерес“, посочуваат од МВР.

































