Фото: Пиксабеј

Властите на Гренланд го запреа планираното дупчење на нафта од страна на американската компанија „Гренланд Енерџи“, поврзана со американскиот претседател Доналд Трамп, со што се спротивставија на најавите дека експлоатацијата на нафта на арктичката територија би можела да започне уште следната година, објави „Гардијан“.

Одлуката доаѓа во период на зголемени тензии околу иднината на Гренланд, откако Трамп повеќепати ја истакна својата намера територијата да стане дел од САД.

Компанијата во јули донела опрема за дупчење на источниот брег на Гренланд без потребните дозволи, по што локалните власти упатиле строго предупредување. Само една недела пред планираниот почеток на работите, гренландската влада соопштила дека проектот се одложува бидејќи не може навреме да се заврши неопходната регулаторна постапка и да се обезбедат потребните одобренија.

Властите оцениле дека предвидениот рок е премногу краток за да се спроведе соодветна проценка на влијанието на проектот врз животната средина и општеството.

Според владата и компанијата, доколку проектот ги добие потребните одобренија, дупчењето би можело да започне најрано во зимата 2027 година.

Ова е спротивно на претходните најави на Џеф Ландри, гувернерот на Луизијана и претставник на Трамп за Гренланд. По посетата на територијата во мај, Ландри изјави дека гренландската нафта би можела да придонесе за ублажување на енергетската криза по американскиот напад врз Иран.

Тој тогаш оцени дека производството на нафта би можело да започне за околу десет месеци.

Извршниот директор на „Гренланд Енерџи“, Роберт Прајс, пак, тврди дека под регионот Џејмсон Ленд се наоѓа нафта чија потенцијална вредност се проценува на околу еден билион долари.

Одложувањето на проектот претставува нова точка на судир меѓу гренландските власти и американските интереси поврзани со експлоатацијата на природните ресурси на територијата.