Фото: Принтскрин

Министерството за финансии ја објави Првата конечна листа на јавни инвестиции, претходно одобрена од Комитетот за јавни инвестиции и усвоена од Владата. На листата се опфатени проекти од повеќе области, меѓу кои патната и железничката инфраструктура, енергетиката, дигитализацијата, образованието, здравството, земјоделството, водостопанството и животната средина.

Меѓу приоритетните проектни идеи се реконструкцијата и изградбата на Клиничката болница во Тетово, Клиничката болница во Штип, изградбата на студентски дом и Медицински факултет, како и болницата во Кичево.

Во областа на железничката инфраструктура се предвидени реконструкција на централниот дел од железничкиот Коридор VIII, на делницата Скопје–Кичево, како и реконструкција на постојната и изградба на брза железничка пруга долж Коридорот X.

Значаен дел од листата се и проектите во енергетиката. Меѓу нив се систем за батериско складирање електрична енергија, систем за контрола и следење на податоци – SCADA, софтвер за планирање на производството и тргувањето со електрична енергија, Ветерниот парк „Миравци“, комбинирана гасна електрана во ТЕЦ Битола, како и проширување на мрежата за централно греење во Битола.

Предвидени се и подобрување и реконструкција на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Скопје, пловечка фотонапонска електрана „Шпилје“ и други проекти.

Во посебен дел од Првата листа се објавени и проекти кои веќе се во фаза на реализација, односно за кои е донесена одлука за финансирање.

Од Министерството за финансии за МИА посочуваат дека листата се подготвувала подолг период. Иницијативите биле доставени од институциите, јавните претпријатија и претпријатијата во државна сопственост во текот на минатата година, по што следувале проверка и оценка на проектните идеи. По позитивната оценка, предлог-листата била доставена до Комитетот за јавни инвестиции, а потоа и до Владата на усвојување.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оценува дека станува збор за значајна реформа во управувањето со јавните финансии, особено во делот на средствата наменети за јавни инвестиции.

Според неа, новиот систем овозможува посистематски пристап кон реализацијата на проектите. Институциите доставуваат проектни идеи до Министерството за финансии, каде што се проверуваат нивната комплетност и квалитет, како и изводливоста и одржливоста. Позитивно оценетите предлози потоа се разгледуваат од Комитетот за јавни инвестиции, кој ја креира предлог-листата и ја доставува до Владата за конечно усвојување.

Од Министерството нагласуваат дека објавувањето на Првата конечна листа не значи и конечна одлука за реализација на сите наведени проекти. Одлуките за нивно финансирање ќе се носат во понатамошниот процес, во зависност од расположливите средства во буџетот, финансиските можности на јавните субјекти кои не се буџетски корисници, зрелоста на проектите и приоритетите на Владата.

Вредноста на секој од проектите на листата е над пет милиони евра, а нивната евентуална реализација и финансирање би се одвивале во повеќе буџетски години.

Димитриеска-Кочоска посочува дека ваквиот пристап треба да спречи повторување на практиката од минатото, кога проекти започнувале без доволна подготвеност, што доведувало до застои во нивната реализација.

Целта, според министерката, е планирањето и реализацијата на капиталните проекти да станат поефикасни, а управувањето со јавните финансии да обезбеди поголем бенефит за граѓаните.