Историски трилер

По договореното со Гаврило Колароски, Карпис Карапетјан се симна кај тврдината Анадол. Тоа беше дел од планот што го смисли Гаврило Колароски. Бидејќи луѓето што се во таинствени мисии во секого од опкружувањето гледаат противник, Карапетјан беше мошне внимателен кога преправен во грбавец стапна на копно. Потоа веднаш капариса пајтон, кој го одведе во Истанбул. Во вилата постоеја подрум и скривница во која беше сместен метален сеф на Хенри Браун од 1900 година. Тоа беше постар, но мошне сигурен тип за заштита од пробивање. Таму го смести ковчежето полно со скапоцености и со реликвијата. Тој веќе ја знаеше адресата на Наташа Смирнова бидејќи лично ја следеше откако таа го напушти нивниот дом. Имаше среќа да налета на празен пајтон.
– Вие…? – дамата ги подигна напишаните веѓи, а усните ѝ затреперија.
– Дозволете ми да влезам внатре, почитувана грофице Екатерина Гордеева Смирнов.
Дамата ги ококори очите.
– Вие… вие знаете која сум јас?
Изгледаше збунето. Во еден момент се трогна, па се помести за да му отвори пат на дојденецот. Потоа излезе пред него за да го упати во скудно опремениот дневен престој. Таму, во едно од трите разнишани столчиња, седеше човек со испиено лице и тага во очите. Имаше околу четириесетина години.
– Повелете, седнете. Треба да ви кажам дека ние имавме тежок живот тука откако побегнавме од Одеса. Емигриравме ваму за да си ги спасиме главите. Како и да е, јас секако ќе ја расчистам сметката.
– Како мислевте да го направите тоа кога сте банкрот, почитувана? – немаше иронија во гласот на Карпис туку само заклучок. Тој и Гаврило минаа низ голгота што исто така не беше за потценување.
Нејзиниот поглед застана на лицето од мажот со ковчестото лице.
– Дозволете ми, ова е Пјотр Александрович Егоров. Неговиот татко, кој ни служеше долга низа години, нѐ викна мене и мојот постар брат за да ни каже дека располагаме со големо семејно богатство скриено во еден од празните сандаци во семејната гробница. Бидејќи нашиот татко беше многу богат човек, тогашниот полковник на ГПУ-службата наследничка на озлогласената ЧЕКА, Роман Василевич Дворников, ја почна својата приватна истрага по нашето семејно богатство. Откако го приведе мојот брат, за неговото ослободување го побара моето тело. Откако одбив, при една посета на ќелијата на мојот брат, тој ме силуваше. Мојот брат мораше да признае сѐ откако Дворников примени застрашувачки методи на измачување. Набргу ни го донесоа мртов без образложение за смртта. Беше едвај препознатлив. Со помош на дел од скапоценостите што мојот татко му ги даде на семејството Егоров, јас побегнав од Одеса и останав да живеам тука чекајќи момент за одмазда. Откако и Пјотр побегна од Одеса, ме пронајде тука во Истанбул. Тој ми кажа за планот на Дворников. Злосторникот со себе понел износ со кој требало да живее тука во Истанбул сѐ до моментот додека степскиот ѕвер, полковникот Федоров, не го префрли целото богатство. Самиот не можеше да ризикува бидејќи веќе беше под опсервација на службите. Сега ви е јасно како дојде и до вас. Вие двајца сте со единствена професија во Истанбул. Освен тоа, Одеса секогаш била ваш терен.
– Мошне интересна приказна, почитувана. Сега би Ви замолил да појдете со мене.
– Каде тоа, господин Карапетјан? – убавицата изгледаше исплашено.
– Каде? Одиме таму каде што ќе ги расчистиме сите нејаснотии. Секако, со вас може да дојде и господинот Егоров. Можеби ќе ни биде потребен. Исклучително ако добро ракува со оружје.
– Ве молам, но јас стравувам за нашите животи…?
– Можете слободно да имате доверба во нас. Во ниту еден случај не станува збор за местенка. Опуштете се, ве молам. На вашите маки им е дојден крајот. Убеден сум во тоа.

Љубомир Јованоски-Кара