- Кои навистина биле Јонче и Танаско од Журче? Во трагањето по одговорот се појави и старата песна „Ја излези, Ѓурѓо“, во која се спомнуваат Прибилци и мудурот, но и локалното предание дека Јонче и неговиот брат Танаско го убиле мудурот во Прибилци. Колку од ова е историски факт, а колку е предание? Тука, меѓутоа, добив и една нова и мошне интересна трага. По првата објава ми се јави потомок на семејството и сподели семејно сведоштво, според кое, Јонче и Танаско навистина биле браќа од фамилијарниот род Барлевски, односно Митревски, од Журче. Според истото сведоштво, двајцата браќа учествувале и во битката кај Мечкин Камен
Сосема случајно, еден мој драг пријател, познатиот скулптор, а по вокација и срце – натурализиран бабинчанец, Сале, неодамна сподели линк до текст и фотографии објавени од северниот сосед, од автори што се претставуваат како истражувачи на минатото. На Сале, секако, му должам благодарност што без да знае ми отвори една интересна историска трага. Последниве години сè почесто се среќаваме со еден вид засилено, а понекогаш и мошне агресивно толкување на македонската историја, особено кога станува збор за комитите и револуционерното движење – при што македонски луѓе, села, настани и личности се претставуваат низ туѓа национална историска клучалница.
Во споделениот материјал се појави и нешто што веднаш ми го привлече вниманието: текст и фотографии поврзани со комитите од селото Журче. Меѓу нив – името на Јонче Митровиќ Јанкулов, „журечки војвода“, но и трага кон неговиот брат Танаско. И така, сосема неочекувано, една туѓа интерпретација ме натера да се запрашам кои навистина биле Јонче и Танаско од Журче? Во трагањето по одговорот се појави и старата песна „Ја излези Ѓурѓо“, во која се споменуваат Прибилци и мудурот, но и локалното предание дека Јонче и неговиот брат Танаско го убиле мудурот во Прибилци. Колку од ова е историски факт, а колку е предание? Тука, меѓутоа, добив и една нова и мошне интересна трага. По првата објава ми се јави потомок на семејството и сподели семејно сведоштво, според кое, Јонче и Танаско навистина биле браќа од фамилијарниот род Барлевски, односно Митревски, од Журче. Според истото сведоштво, двајцата браќа учествувале и во битката кај Мечкин Камен.

Ова е особено значајна информација, но засега ја третираме токму како што треба – како семејно сведоштво и нова трага, која допрва треба да биде потврдена со историски извори. Ако се потврди, пред нас веќе немаме само легендарна фигура на еден „журечки војвода“, туку двајца браќа од конкретен род, од конкретно село, со свое место во настаните од илинденскиот период.
А потоа останува и најинтересното прашање: дали истите тие Јонче и Танаско навистина биле луѓето што, според локалното предание, го убиле мудурот во Прибилци? Во весникот „Македонска нација“ од 14 февруари 1997 година, во текстот со наслов „Го молевме Питу да се повлече од Мечкин Камен“, исто така се среќава приказна за војводата Јонче од Журче. Засега имам само нецелосна фотографија од написот и неколку податоци. Токму затоа оваа приказна не сакам да ја претворам во готова легенда.
Сакам да ја проверам. Дали Јонче бил учесник на Мечкин Камен? Дали Танаско бил со него? Дали презимињата Барлевски и Митревски се однесуваат на истиот семеен род? Кој бил нивниот татко? Каде се нивните гробови? Кој бил мудурот во Прибилци? И, конечно – што навистина се случило во Прибилци? Затоа деновиве планирам да одам во Журче. Ќе ги посетам старите гробишта, заедно со моето другарче Драганче, домицилно журчанче и пасиониран истражувач. Ќе се обидеме да ги пронајдеме трагите за Јонче и Танаско, нивните гробови, семејните врски и старите натписи.
Ако имаме можност, ќе разговараме и со некој постар журчанец – можеби некој што сè уште ја памети приказната што се пренесувала од колено на колено. Можеби ќе најдеме само уште некој датум, име или семејна трага. А можеби ќе се отвори приказна што заслужува сериозно историско истражување. Не сакам однапред да докажувам ниту една верзија. Сакам да проверам. Зашто, ако некој друг денес ја толкува нашата историја наместо нас, најдобриот одговор не е само да се спротивставиме со друга приказна. Најдобриот одговор е самите да ги побараме изворите. А можеби токму таму, во Журче, ќе најдеме трага што ќе нè одведе понатаму – кон Јонче, Танаско, Мечкин Камен, Прибилци и мудурот од старата песна.
А на мојот драг пријател Сале – едно големо благодарам за случајната трага што ме одведе до Журче. И посебна благодарност до потомокот на семејството, Драганче, кој веднаш по објавата се јави и ја сподели семејната трага за Јонче и Танаско. Од една случајна објава – можеби започна една сериозна потрага по историјата.
Пишува: Благоја Шундовски
































