ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН
- Во „Ајдучки копнежи“ на Пејо Јаворов, преведена на современ македонски јазик од Гане Тодоровски и објавена во Македонија во 1983 година, можеме да дознаеме многу детали од живото на Гоце Делчев, директно од перото на еден од неговите најблиски соработници…
„Нека да спомнеме, дека кога Гоце се готвеше да оди во Охридско, помалиот негов брат, Мицо, беше убиен кај селото Бајалци, Гевгелиско. Буен 23-24-годишен момок, Мицо ја имаше напуштено татковата куќа, за да тргне по патиштата на брата си – и од пред неколку месеци беше тргнат со пушка на рамо, под водството на Христо Чернопеев. Еден пријател оди да му ја соопшти на Гоце тажната вест за Мицовата смрт и започнува оддалеку: таму и таму, така и така, четата била откриена; толку и толку души паднале уште во почетокот на битката; а меѓу паднатите, за голема жал, бил и…
– Мицо, се досетува Гоце ладнокрвно. Туку кажи, ако знаеш, дали не покажал некоја слабост?
– Напротив, раскажуваат, дека тој прв се фрлил врз непријателот.
– Тоа ми се допаѓа. Во Мицо имав голема надеж. Тој можеше уште да ни послужи, ама ништо. Бог да го прости…
Кон 20 март 1900 година, Гоце обиколува веќе градови и села во Одринско. Но овде работеа и луѓе коишто беа наполно под влијанието на Врховниот комитет. И Гоце, сретнувајќи на секоја стапка безизлезни кривини, го наоѓа за мошне лошо одбран моментот за работата, која го доведе во одринскиот крај. Тој ги напушта бреговите на Марица, оставајќи го меѓу населението за спомен и восхит своето име, врзано еве со каква историја: Гоце заминува преоблечен во селото К., се препорачува за трговец на свињи и се подзапира во куќата на завереникот коџобашија. Властите, коишто добиваат податоци дека низ округот талка со цела чета еден баш-комита, ги креваат вообичаените во вакви случаи потери. Малку по Гоцета пристига во истово село К. една од потерите и подзапира исто така во куќата на коџобашијата. Се случува така што ’трговецот‘ не успева да мрдне никаде. Коџобашијата го присобира сиот кураж, ги поканува царските луѓе во една одделна одаја и се зафаќа околу огнот да им приготви вечера. По едно време зачкрипува вратата и се покажува – Гоце. Кој би посакал да биде во положбата на коџобашијата? Но, ’трговецов‘ поздравува учтиво, седнува меѓу Турците и започнува да ги кани со тутун, оплакувајќи се како му досадило да биде сам, та еве дошол на муабет…
– По што наваму, агалари, ако нема ништо скришно, прашува Гоце.
Агите во доверба му раскажуваат дека тргнале по трагите на еден комитски големец.
– Ех, гледајте, агалари, да нѐ спасите од комитине, дека веќе, а ќе биде тоа што ќе биде, ниту трговијата врви, ниту живот живееме…
Гоцe почнува со мерки за предзаштита, барем на Македонија, од погибелните раздори, коишто го поткопуваа Одринско. Тој ги уредува една по една реонските чети, давајќи им и детални упатства за идната работа. Но кон крајот на летото Гоце ја гледа неопходноста од една негова обиколка на цела Македонија, да ги инспектира и четите и организациите воопшто. Во текот на октомври, придружен од околу 40 момчиња за распоредување по разни места, тој преминува во Турција и се зафаќа за машка работа.
Гоце оди едноподруго во Џумајско, Разлошко и Малешевско, од каде што со мака успева да ги одбегне десетиците потери што тргнале по неговите траги и да се префрли во Радовишко. Во текот на тоа време некое деморализирано момче од радовишката чета се предава во Скопје, откривајќи го и очекуваното Гоцево доаѓање. Така што Гоце го наоѓа сиот радовишки крај во метеж со слуховите дека Дервиш-ефенди и скопскиот алај-бег се приготвиле за доаѓање поради распит и претреси. Гоце собира меѓу најдобрите момчиња во Радовишко 40-50, со намера да ги пресретне Дервиш-ефенди и алај-бегот, испраќајќи им од свое име и вест на властите, дека виновникот треба да се бара по планините. И со еден системно применет терор врз чиновништвото и полицијата, тој смета да го спречи повторувањето на виничките ужаси. Но токму по тоа време, околу Божиќ, во штипското предградие Ново Село се случија работи кои ги попречија Дервиш-ефенди и алај-бегот пред нивното тргање за Радовишко. Едно момче од четите, по име Сандо, оди рането во Ново Село, за да се лекува. Еден Евреин го виѓава ранетиот Сандо – и стотина војници ја заградуваат куќата кај што се засолнил. Сандо прв открива оган и секој негов куршум попаѓа на живо месо. Најпосле куќата бидува запалена, но Сандо се извлекува незабележан под носот на опсадувачите, оставајќи зад себе околу дваесетмина убиени. Новоселската случка ги довлечка во Штип и валијата и алај-бегот и дервишот; Во Сандовото лице турската фантазија го препознаваше Гоцета и Радовишко беше заборавено.
Многу подоцна, кога Гоце беше сосема далеку, излаганиот од шпионите Дервиш-ефенди оди во едно радовишко село и го опсадува, со толпа џандари, анот на некојси Цинцар. По една седница дервишот ја расправа веќе следнава сказна: Тој, Дервиш-ефенди, знаел најдобро дека Гоце бил во анот, кој имал и втор кат, нешто како балкон или ’ќошк‘. Стражарите ги опколиле анот и дервишот, пред да го започне претресот, се оддалечил по некаква работа покрај еден плот. Одненадеж тој слушнува над себеси некаков шум и гледа еден човек – лета накај полето. Тоа бил самиот Гоце, којшто потскокнал од ќошкот, ја префрлил опсадната верига и стапнал на земјата – хе, триста чекори далеку. ’Дервиш, ако си јунак над јунаци, немој да одиш со таа џган, којашто воопшто не ме плаши, туку излези да се биеме двајцата гради в гради‘ – се јавил Гоце и станал невидлив… Гоцевата вештина и брзина во работата и во движењето ги вчудовидува сите околу него. И Турците го имаа крстено ’канатли шејтан‘, ѓавол што лета (крилест ѓавол), а другите му го беа ставиле псевдонимот ’Ахил‘. По Нова година, Гоце ги обиколуваше веќе Струмичко, Петричко, Мелничко итн. А во текот на тоа време официјалните и неофицијалните македонски непријатели готвеа најстрашни удари за ослободителното дело…“
М-р Никола Ристевски
(продолжува)
































