Воено-експертска анализа: Зошто Путин разреши четири генерали за да ја зајакне логистиката?
- Во класичната воена теорија фронтот бил јасно одделен од заднината. Борбените единици напредувале, додека железниците, складиштата, командните центри и ремонтните бази функционирале релативно безбедно стотици километри зад линијата на судир. Токму тој принцип денес практично престанува да постои, велат нашите соговорници, воени експерти и поранешни генерали во АРМ
Указот на рускиот претседател Владимир Путин, проследен со зборовите изговорени при последната голема ротација на високите руски команданти, заслужуваат многу подлабока анализа отколку што изгледа на прв поглед, велат наши соговорници, воени експерти и поранешни генерали во АРМ, кои го иницираа брифингот по ова прашање.
Русија се подготвува за војна без заднина
„Водењето логистика е исто така борбена задача“, изјави рускиот претседател додека искусниот фронтовски командант Валериј Солодчук го преместуваше на позиција задолжена за воената логистика, а во исто време го формираше и новиот род на вооружените сили – Сили за беспилотни системи.
– На прв поглед станува збор за кадровска промена. Во суштина, ова можеби е најотвореното признание досега дека војната во Украина радикално го сменила начинот на кој современите армии размислуваат за линијата на фронтот. Излегува дека сега станува приоритетен одговор на прашањето кој успева да ја одржи жива и оперативна својата логистичка мрежа – велат нашите соговорници, воени експерти и поранешни генерали во АРМ, кои самите ни обрнаа внимание на интересните кадровски поместувања и ротации во руската армија, што индицира и менување на систематизацијата, но и доктрината на руските вооружени сили.
Исчезнувањето на „воената заднина“
Во класичната воена теорија фронтот бил јасно одделен од заднината. Борбените единици напредувале, додека железниците, складиштата, командните центри и ремонтните бази функционирале релативно безбедно стотици километри зад линијата на судир. Токму тој принцип денес практично престанува да постои, велат нашите соговорници.
– Украинската кампања со беспилотни летала, ракети со долг дострел и специјални операции постепено ја претвори руската внатрешност во продолжение на фронтот. Рафинерии, складишта за гориво, железнички јазли, мостови, воени депоа и логистички центри станаа секојдневни цели. Анализите покажуваат дека овие удари сè повеќе го ограничуваат движењето на луѓе, муниција и техника кон фронтот. Токму затоа Путин денес не испраќа искусен генерал во „заднина“. Всушност тој го испраќа на еден сосема нов фронт, велат генералите, кои брифираат дека овој потег е исклучително интересен и за теоријата на водење војни, но и од практична гледна точка, при што додаваат дека штом логистиката се деконципира, тогаш следуваат и други мошне значајни промени и во тежиштето на водењето на војната.
Логистиката станува исклучително важно „оружје“
Воените историчари одамна повторуваат дека аматерите зборуваат за тактика, а професионалците за логистика. Но во Украина логистиката повеќе не претставува само снабдување. Таа станува оружје, нагласува еден од генералите, кој бил и началник токму во овој воен сектор.
– Ако пред неколку години армијата можеше да изгуби магацин и да продолжи со операцијата, денес уништувањето на неколку железнички јазли може да ја запре целата офанзива. Беспилотните летала со цена од неколку илјади долари можат да предизвикаат штета што порано бараше масовни воздушни операции. Ова драматично ја менува математиката на војувањето. Наместо уништување тенкови на фронтот, станува поисплатливо да се уништат цистерните што ги снабдуваат. Наместо директен напад врз баталјон, поисплатливо е да се прекине неговото снабдување со муниција. Современата војна сè повеќе станува војна против системот што ја одржува армијата, а не само против самата армија – истакнува нашиот соговорник, генерал во пензија.
Украинското боиште ја диктира еволуцијата на руската армија
Според нашите соговорници, искусни генерали, сега во пензија, токму украинските удари длабоко зад фронтот ја забрзаа оваа трансформација.
– Во последните две години, Украина систематски ги прошируваше нападите врз воени складишта, железници, мостови, аеродроми, рафинерии и логистички јазли. Украинските претставници отворено изјавуваат дека целта е прекин на руските линии за снабдување, особено кон јужниот фронт и Крим. Во таква средина, секој командант мора да размислува како инженер. Секоја испорака мора да биде дисперзирана. Секое складиште мора да биде заменливо. Секоја железничка линија мора да има резервна траса. Така изгледа современата логистика под постојан напад – заклучуваат нашите соговорници. Р.С.
Москва формира и посебен род на вооружените
сили за беспилотни системи
Последната руска реконструкција не вклучува само логистика. Москва формира и посебен род на вооружените сили за беспилотни системи, а неколку фронтовски команданти се прераспоредени на позиции што ги поврзуваат оперативното командување, технологијата и снабдувањето.
– Овој потег укажува дека Кремљ сфатил нешто што многу армии дури сега почнуваат да го прифаќаат. Војната повеќе не се добива исклучиво со бројност и воена надмоќ, тенкови или артилерија… Се добива со способност секој ден повторно да се воспоставува прекинатата логистика побрзо отколку што противникот успева повторно да ја уништи – тврдат нашите соговорници.
Реалноста што му ја откриваат генералите на Путин
Уште една дилема што ја наметнуваат нашите соговорници во разговорот е „дали Путин доброволно ја менува структурата на руската армија или едноставно реагира на реалноста што му ја наметнуваат неговите генерали?“
– Најверојатно вистината е комбинација од двете. Во секој голем воен систем кадровските промени од ваков обем не се носат само по политичка интуиција. Зад нив стојат анализи на Генералштабот, извештаи од фронтот, процени за загубите и оперативни препораки. Фактот што искусен фронтовски командант се испраќа да ја води логистиката сугерира дека руското воено раководство повеќе не ја третира како административна служба, туку како борбена функција со директно влијание врз исходот на операциите. Тоа претставува значајна доктринарна промена – тврдат соговорниците. Р.С.
Војната на 21 век нема заднина
Воените магацини станаа поважни од тенковите
Според нашите соговорници, експерти од областа на теоријата на војувањето, најголемата лекција од руските кадровски промени не се однесува само на Русија. Таа се однесува на сите современи армии.
– Дроновите, сателитското извидување, прецизните ракети и вештачката интелигенција ја избришаа класичната поделба меѓу фронтот и тилот. Складиштето денес е исто толку изложено како и ровот. Железничката станица е исто толку важна цел како и тенковската колона. Командниот центар може да биде погоден стотици километри зад линијата на судир. Во такви услови победува оној што побрзо ќе ја обновува сопствената логистика отколку што противникот ќе ја уништува – вели еден од соговорниците.
Воените експерти посочуваат дека Кремљ ја трансформира воената доктрина.
– Изјавата на Путин дека „логистиката е борбена задача“ не треба да се чита како обична политичка фраза. Таа претставува признание дека Русија води сосема поинаква војна од онаа што ја започна во февруари 2022 година. Кремљ ја трансформира воената доктрина. Сега, тоа е војна во која фронтот повеќе нема јасна линија. Војна во која магацинот, железничкиот јазол, дронот и компјутерската мрежа се еднакво важни како тенкот и пешадијата. И можеби токму тоа е најголемата поука од последната руска воена реконструкција. Современите армии повеќе не можат да си дозволат „заднина“. Во ерата на прецизните удари и масовната употреба на беспилотни системи, целата држава постепено се претвора во дел од бојното поле – заклучуваат нашите ценети соговорници, при анализа на најновите случувања на украинското боиште. Р.С.
































