САД подготвуваат нова нуклеарна стратегија со која американскиот претседател би добил поширок спектар на опции за евентуална употреба на нуклеарно оружје
- Извештаите дека Пентагон подготвува нова нуклеарна стратегија со која американскиот претседател би добил поширок спектар на опции за евентуална употреба на нуклеарно оружје претставуваат уште еден показател дека глобалната безбедносна архитектура забрзано се менува
Ако во изминатите три децении доминираше уверувањето дека нуклеарното оружје останува исклучиво средство за крајна одбрана, денес најголемите сили повторно размислуваат за сценарија во кои тактичкото нуклеарно оружје би можело да биде дел од регионални конфликти. Самата идеја за нова нуклеарна стратегија со која американскиот претседател би добил поширок спектар на опции за евентуална употреба на нуклеарно оружје не значи дека САД се подготвуваат за употреба на нуклеарно оружје. Напротив, американските претставници објаснуваат дека целта е да се зајакне одвраќањето преку создавање поголем број „веродостојни опции“, со што потенцијалниот противник би бил обесхрабрен уште во почетната фаза на кризата. Но токму тука започнува најголемата дилема. Историјата покажува дека секое проширување на нуклеарните опции неизбежно предизвикува реакција од другата страна.
По крајот на Новиот СТАРТ светот остана без
последната заштитна ограда
Особено загрижувачки е фактот што оваа ревизија се случува во момент кога престана да важи договорот Нов СТАРТ (New START) – последниот договор меѓу САД и Русија што ги ограничуваше нивните стратегиски нуклеарни арсенали. Со неговото истекување исчезна не само ограничувањето на бројот на боеви глави и носачи туку и системот на инспекции, проверка и транспарентност што повеќе од една деценија овозможуваше барем минимално ниво на доверба меѓу двете најголеми нуклеарни сили. Во вакви услови секоја нова воена доктрина лесно може да биде протолкувана како подготовка за трка во вооружување. Истовремено, пропаднаа и обидите за нов договор. Вашингтон инсистираше Кина да биде дел од идните ограничувања, Пекинг го одби тоа, додека Москва порача дека секој нов договор мора да ги вклучи и Франција и Обединетото Кралство како европски нуклеарни сили. Резултатот е свет без активен договор што ги регулира односите меѓу најголемите нуклеарни арсенали.
Тактичкото оружје – најопасниот сегмент на новата стратегија
Она што особено привлекува внимание е можноста новата американска стратегија да стави поголем акцент врз тактичкото нуклеарно оружје. За разлика од интерконтиненталните ракети, чија употреба речиси сигурно би значела глобална нуклеарна војна, тактичкото оружје е наменето за употреба на ограничено бојно поле, против воени формации, бази или командни центри.
Токму затоа дел од воените аналитичари предупредуваат дека ваквото оружје го намалува психолошкиот праг за евентуална употреба. Колку повеќе се зборува за „ограничен нуклеарен удар“, толку повеќе расте опасноста некој во кризни околности да процени дека таков потег е изводлив. Парадоксално, оружјето создадено за да спречи војна може да стане фактор што ја прави кризата уште понепредвидлива.
Москва веќе ја смени својата нуклеарна доктрина
За потсетување, „Нова Македонија“ опширно пишуваше пред две години (во 2024 г.) кога Русија направи значајно преструктурирање на сопствената нуклеарна доктрина.
Според новите одредби, напад од ненуклеарна држава поддржана од нуклеарна сила може да се третира како заедничка агресија, а Москва си остава право да употреби нуклеарно оружје доколку конвенционален напад претставува критична закана за суверенитетот или територијалниот интегритет на Русија (или на Белорусија).
Ова практично значи дека и двете страни постепено ги прошируваат околностите во кои нуклеарното оружје би можело да биде земено предвид. Во таква атмосфера секоја регионална криза – било во Европа, Тајванскиот Теснец или Индопацификот – добива многу поширока стратегиска димензија.
НАТО, Европа и новата безбедносна дилема
Новата американска стратегија ќе има директни импликации и врз европската безбедност. Русија веќе подолго време го критикува присуството на американско нуклеарно оружје во европските членки на НАТО преку системот за нуклеарно споделување. Од друга страна, европските сојузници сметаат дека токму американското нуклеарно присуство претставува клучен елемент на одвраќањето. Така, Европа повторно се наоѓа во позиција да биде потенцијално најизложениот простор доколку дојде до драматично влошување на односите меѓу Вашингтон и Москва.
На повидок нова нуклеарна трка?
Најважното прашање не е дали САД ќе ја усвојат новата стратегија, туку како ќе реагираат останатите нуклеарни сили. Историјата покажува дека ниту една голема воена сила не останува пасивна кога нејзиниот ривал ја менува сопствената нуклеарна доктрина. Вообичаено следуваат нови модернизации, распоредувања, развој на технологии и промени во военото планирање.
Токму затоа сè погласно се зборува дека светот постепено влегува во нова ера на нуклеарно натпреварување, различна од онаа во времето на Студената војна. Денес не станува збор само за бројот на боеви глави туку и за брзината на ракетите, прецизноста, хиперсоничните системи, вештачката интелигенција, кибероперациите и можноста за носење одлуки во многу пократок временски рок.
Иако официјалното образложение на Пентагон е дека новата стратегија има цел да го зајакне одвраќањето и да ја намали веројатноста за конфликт, останува фактот дека секое проширување на нуклеарните опции ја прави глобалната безбедносна средина покомплексна.
Во свет без активен договор за контрола на вооружувањето, со три големи нуклеарни центри на моќ и со повеќе регионални жаришта отколку во кое било време по Студената војна, опасноста не мора да произлезе од намерна одлука за војна. Доволни се погрешна процена, техничка грешка или неконтролирана ескалација.
Токму затоа новата американска иницијатива не треба да се гледа само како воена реформа туку како дел од пошироката трансформација на светскиот безбедносен поредок. Прашањето што останува отворено е дали новите стратегии ќе ја зацврстат стабилноста преку посилно одвраќање или ќе го приближат светот до период во кој нуклеарното оружје повторно ќе стане централна тема на глобалната политика. Р.С.
Кина станува третиот столб на нуклеарната рамнотежа
Во текот на Студената војна, нуклеарната стабилност беше речиси исклучиво американско-советска равенка. Денес ситуацијата е значително посложена. Кина забрзано го модернизира својот нуклеарен потенцијал.
Пекинг со нуклеарна стратегија, но со тежиште за
мирновременска намена
Додека зборот „нуклеарно“ најчесто се поврзува со геополитички тензии и воени капацитети, Кина сè појасно демонстрира дека нејзината долгорочна нуклеарна стратегија е насочена кон енергетската безбедност и економскиот развој. Последната одлука на Државниот совет за изградба на уште осум нуклеарни реактори претставува уште една потврда дека Пекинг ја гледа нуклеарната енергија како еден од клучните столбови на идниот електроенергетски систем.
Со новата инвестиција ќе бидат изградени шест реактори од домашниот тип „хуалонг еден“ (Hualong One – HPR1000) на локациите Џинќимен, Таипинлин и Џуангхе, како и два реактора „гуохе еден“ (Guohe One – CAP1400) во рамките на новата нуклеарна електроцентрала „Лаијанг“ во покраината Шандонг. Одлуката е донесена на седница на Државниот совет, со која претседаваше кинескиот премиер Ли Чијанг.
Во меѓувреме, два реактора „хуалонг еден“ веќе постигнаа значајни оперативни резултати. Третиот блок на нуклеарната електроцентрала „Чангѓијанг“ на островот Хаинан е приклучен на електроенергетската мрежа и започна со испорака на електрична енергија, додека вториот блок на електроцентралата „Таипинглинг“ во покраината Гуангдонг неодамна започна комерцијална работа.
Благодарение на новите капацитети, вкупната инсталирана нуклеарна моќност на Кина достигна 63,98 гигавати, со што за првпат ја надмина Франција, која располага со околу 63 гигавати. Со тоа Кина стана втората најголема нуклеарно-енергетска сила во светот, веднаш зад Соединетите Американски Држави, кои имаат околу 96,9 гигавати инсталирана нуклеарна моќност.
Кинеската нуклеарна програма започна во 1980-тите години, но вистинскиот подем го доживеа по 2005 година, кога забрзаната индустријализација и растечката побарувачка за електрична енергија го поттикнаа Пекинг на масовни инвестиции во нови производствени капацитети. По краткото забавување по несреќата во јапонската нуклеарна централа „Фукушима“ во 2011 година, од 2019 година Кина повторно интензивно ги забрза одобрувањето и изградбата на нови реактори, сè повеќе потпирајќи се на сопствени технологии, пред сè на реакторот „хуалонг 1“.
Според Меѓународната агенција за енергија, околу половина од сите нуклеарни капацитети што моментално се градат во светот се наоѓаат токму во Кина, која до крајот на оваа деценија има реални изгледи да стане најголемиот светски производител на нуклеарна енергија.
Овој развој не е мотивиран од воени цели, туку претставува дел од пошироката кинеска стратегија за зајакнување на енергетската сигурност, намалување на зависноста од фосилните горива, обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија и исполнување на целите за декарбонизација на економијата. На тој начин, Пекинг ја позиционира нуклеарната енергија како мирновременски инструмент за одржлив економски раст и долгорочен енергетски развој.
Она што треба да се издвои е фактот што Пекинг одбива да учествува во ограничувања што, според него, треба најнапред да ги преземат државите со најголеми нуклеарни арсенали. Во еден таков контекст, се создава глобален триаголник во кој секоја промена кај една сила неизбежно предизвикува реакција кај другите две. Р.С.
































