Македонци во Австралија

АВСТРАЛИЈА ПРЕД НОВ ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО

  • Следниот национален попис во Австралија што ќе се одржи утре (11 август) ќе претставува еден од најважните моменти за сите Македонци што живеат во земјата

Пописот не е само статистичка постапка – тој е официјално признавање на постоењето, бројноста и придонесот на една заедница каква што е македонската во австралиското општество. За македонската заедница, секој одговор има значење. Секој човек што ќе се изјасни како Македонец придонесува кон создавање реална слика за големината на заедницата и нејзиното место во мултикултурна Австралија. Накусо, тоа значи дека самите луѓе избрале да се запишат како Македонци по потекло и јазик, со што зајакнува позицијата на македонската заедница. Според австралиските државни документи, Македонците се идентификувале себеси како Македонци уште од почетокот на 20 век.
Според последниот попис, повеќе од 111.000 Австралијци се изјасниле дека имаат македонско потекло. Сепак, голем број лица со македонски корени не ја наведуваат својата етничка припадност или јазик, со што официјалните бројки не ја одразуваат целосно вистинската големина на заедницата.

ЗОШТО ПОПИСОТ Е ВАЖЕН?

Точните податоци од пописот влијаат врз: планирањето образовни и културни програми, финансирањето на македонските заедници, клубови и организации, поддршката за изучување и зачувување на македонскиот јазик, подобро претставување на Македонците пред сите нивоа на австралиската власт, зачувување на македонскиот идентитет за идните генерации. Важноста оди подалеку од Австралија. Резултатите од австралискиот попис внимателно ги следат истражувачи, историчари, влади и меѓународни институции, како и странски држави. Бројот на Македонците во Австралија е дел од целокупната слика за македонската дијаспора низ светот и од мултикултурниот живот во пошироката австралиска заедница. Силните и точни статистички податоци покажуваат дека македонскиот народ има значајно присуство надвор од татковината, придонесува за зачувување на јазикот, културата и традицијата и претставува важен дел од светското македонско наследство.

ПОВИК ДО СИТЕ МАКЕДОНЦИ

Наредниот попис е повеќе од административна обврска. Тој е можност секој Македонец да даде личен придонес во зачувувањето на сопствениот национален идентитет. Со точното изјаснување за македонско потекло (ancestry); македонски јазик што се зборува дома (ако е применливо); место на раѓање; секој поединец придонесува кон иднината на македонската заедница во Австралија и испраќа јасна порака дека Македонците се активен, значаен и неразделен дел од австралиското мултикултурно општество.
Исто така на прашањето за вероисповед треба да се заведе како Македонска православна црква. Еден одговор на пописот можеби изгледа мал, но кога илјадници Македонци ќе се изјаснат со гордост за своето потекло и јазик, тие заедно ја запишуваат историјата на македонската заедница – не само во Австралија туку и пред целиот свет. Значи ќе се продолжи и ќе се зајакне македонското самобитие во австралиските документи и пред австралиските институции.

Зоран Ќосески, специјално за „Нова Македонија“

Авторот е почесен конзул на Република Македонија во Перт, Австралија