Фото: ЏФМ

ПО ПРВИОТ ДЕН НА ЕВРОПСКИОТ ЈУНИОРСКИ КУП ВО ЏУДО „СКОПЈЕ 2026“

  • Во саботата во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје свечено беше отворен европскиот јуниорски куп „Скопје 2026“, на кој учествуваат голем број млади и перспективни џудисти од Европа, а за отворен го прогласи претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски

Првиот натпреварувачки ден на европскиот јуниорски куп „Скопје 2026“, во мошне силна конкуренција, донесе одлични и неизвесни борби, а македонската џудо-репрезентација настапи со седум натпреварувачи, од кои пет во машка и две во женска конкуренција. Вчера, пак, на душекот требаше да се појават уште осуммина македонски џудисти, од кои три во женска конкуренција.
Во тежинската категорија до 60 кг, Сергеј Димитриоски имаше одличен старт и во првото коло оствари победа над претставникот од Израел, но во второто коло беше поразен од џудист од Белорусија, а во репасажот по голема и неизвесна борба загуби од натпреварувач од Романија. Во категоријата до 66 кг, настапија Игнат Петров и Зоран Колески. Петров во првото коло загуби од натпреварувач од Израел, додека Колески беше поразен од претставник на Србија. Во категоријата до 73 кг се бореа Никола Магдески и Петар Давчев. Магдески со одличен настап го отвори саботниот натпреварувачки дел. Во првото коло со ипон победи џудист од Романија. Во второто коло се сретна со претставник од Молдавија и покрај тоа што до пред самиот крај доминираше и водеше со „вазари“, сепак, во завршницата ја загуби борбата. Поради големиот број учесници во категоријата, дури 47 џудисти, Магдески не доби можност за репасажна борба. И покрај тоа, тој прикажа одлично џудо, борбеност и карактер и достојно ги претстави Македонија и ЏФМ. Петар Давчев во првото коло загуби од џудист од Србија, со што заврши својот настап.
Во женска конкуренција, во категорија до 63 кг, настапија Ива Богдановска, која неодамна стана европска шампионка во сениорска конкуренција, и Драгица Рафтовска. Богдановска во првото коло беше поразена од џудистка од Белорусија, додека Рафтовска од претставничка на Босна и Херцеговина. И двете, поради крајниот епилог на другите борби, не добија можност да настапат во репасажот.

Фото: ЕЏУ

– Првиот натпреварувачки ден, избраниците на македонскиот селектор Александар Фузевски го започнаа со две одлични победи, но во продолжението македонските џудисти не успеаја да го задржат истиот ритам. Сепак, секој од нашите репрезентативци покажа борбеност, желба и достоинствено ја претставуваше Македонија на големата европска сцена. Овој европски јуниорски куп е од огромно значење за нашите млади џудисти и уште една можност за стекнување драгоцено меѓународно искуство – велат од ЏФМ.
Во саботата попладне во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, свечено беше отворен европскиот јуниорски куп „Скопје 2026“, на кој учествуваат голем број млади и перспективни џудисти од Европа. Купот свечено го отвори претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски. На свеченото отворање присуствуваа и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија и амбасадорката на Јапонија во Македонија, како и претставничката од Министерството за спорт, Гордана Цветковска-Бошевска.
Вчера беа борбите на вториот и последен ден од ова европско натпреварување за џудисти до 21 година, на кое требаше да настапат осум македонски претставници, од кои три во женска конкуренција, со што ќе завршат борбениот дел и распределбата на медалите на ова ЕП. Веќе од денеска до среда, исто така во Скопје, ќе се реализира и Европскиот јуниорски тренинг-камп, на кој учесниците ќе имаат можност да одржат заеднички тренинзи, техничко-тактичка подготовка, како и размена на искуства со репрезентативци од цела Европа под водство на нивните национални тренери. Г.И.


Џудо-експертот на ЕЏУ Дани Георге во Скопје

Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, пред почетокот на натпреварувањето, одржа работен состанок со тренерите од македонските џудо-клубови, на кој официјално го претстави експертот од Меѓународната џудо-федерација (ИЏФ) Дани Георге. Неговата посета на Македонија е дел од програмата за едукација и стручно усовршување на македонските тренери и џудисти. Во наредните две години ќе се одржат обуки и практични тренинзи, со цел унапредување на знаењето, техниките и развојот на џудото во Македонија. На состанокот пред присутните се обрати и Дани Георге, кој во кратки црти ја образложи програмата за работа во нашата држава. Ова секако претставува значаен чекор во континуираниот развој на македонското џудо и можност за стекнување нови знаења од врвен меѓународен експерт, како што е Георге, информираат од ЏФМ.

Фото: ЏФМ