Пациентот кој беше транспортиран од Турција по тешка повреда на ‘рбетниот мозок е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, информираше директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, пренесе МИА.
Тој е свесен и контактибилен, дише самостојно и започнал да се храни по природен пат. Во единицата за интензивно лекување веќе се спроведува и физикална терапија.
Мерџановски посочи дека пациентот вчера имал покачена температура, но направените тестови не покажале присуство на инфекција. Според него, најверојатно станувало збор за реакција на транспортот и претходната операција.
Во текот на следната недела се очекува пациентот да биде префрлен на Одделот за трауматологија, каде ќе продолжи со интензивна рехабилитација, а потоа и во специјализиран центар за понатамошно закрепнување.
Од Клиниката апелираат на особена внимателност при скокање во вода. Мерџановски предупреди дека не треба да се скока во базени и непроверени води, а доколку се практикува скокање, тоа треба да биде исклучиво во контролирани услови и под стручен надзор.
Тој нагласи дека повредите при вакви несреќи најчесто ги зафаќаат вратните пршлени и ‘рбетниот мозок и можат да остават сериозни и трајни последици.

































