Кушадаси (Фото: Пиксабеј)

Момче од Македонија, родено 1998 година, било тешко повредено во турскиот туристички центар Кушадаси и ќе биде пренесоено во Скопје со владиниот авион под надзор на лекарски тим. Според Министерството за здравство, момчето се здобило со тешки повреди на вратни пршлени.

Од Министерството за здравство за МИА информирале дека во соработка со Фондот за здравствено осигурување веднаш побарале од Службата за општи и заеднички работи да се обезбеди владин авион за негов транспорт.

-Транспортот е одобрен и повреденото момче утре ќе биде донесено во земјава со тим лекари од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) – наведуваат од Министерството.