Фото: Принтскрин

Со реализација на темелна реконструкција поќна обновувањето и повторното ставање во функција на подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, соопштија од Град Скопје.

-Во тек е реализација на темелна реконструкција која не претставува само сервисирање, туку целосно и трајно решение за системот. Станува збор за комплексна интервенција што опфаќа специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизиран систем кој бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста – се наведува во соопштението.

Оттаму додаваат дека паралелно со сервисирањето на опремата, се изведуваат и значајни конструктивни подобрувања. Постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно се подобруваат стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем.

-Со обновата, фонтаната повторно ќе стане место за средби, детска игра, фотографии, прошетки и убави спомени, враќајќи ја живоста во срцето на градот и повторно претворајќи се во едно од најатрактивните обележја на Скопје – посочуваат од Град Скопје.

Во исто време додаваат дека се реализира и замена на оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“, со што централното градско подрачје ќр биде побезбедно и ќе има поуреден изглед, и дека овие активности се дел од заложбите за обновување на јавните простори и создавање квалитетна градска инфраструктура што ќе им служи на граѓаните во наредните години.