Фото: РФМ

РАКОМЕТ – ЕП 2026 ЗА КАДЕТИ

Македонија ја победи Португалија за влез меѓу десетте најдобри

Машката ракометна репрезентација на Македонија (до 18 години), предводена од селекторот Горан Кузмановски, оствари нова значајна победа на Европското првенство (ЕП) во Белград (Србија), со што се најде меѓу десетте најдобри на овој шампионат, што секако претставува значаен успех. Минимално со 26-25, иако на полувремето водеа со четири гола предност (13-9), беше совладана селекцијата на Португалија, што за македонските надежи беше четврта победа во низа на ова ЕП.
Посебно беше неизвесно во финишот, каде што клучниот гол за целосен успех го постигна Трајче Костов, а противникот, пак, не го искористи последниот напад. Горазд Дамчевски беше најдобар стрелец на мечот со седум гола, пред Костов, кој реализира пет.
По овој триумф, црвено-жолтите денеска за пласман на деветтата позиција треба да се сретнат со победникот од натпреварот меѓу Австрија и Израел, кој се играше вчера попладне. Г.И.


ШАХ – НА СТАРТОТ НА ЕП ЗА ЈУНИОРИ

Победа на Златков, пораз на Бурнс

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Aнтон Златков (2.389 рејтинг-поени, рангиран 12. пред турнирот), забележа цел поен, додека вториот македонски претставник, член на ШК Капабланка, Мајкл Бурнс (2.217, рангиран 41. пред турнирот), загуби во првото коло на Европското првенство (ЕП) за јуниори (до 20 години), кое во девет кола се одржува во Цетиње (Црна Гора). Златков со црни фигури го надигра Чехот Зденек Давидек (2.196, рангиран 46.), додека Бурнс со црни фигури загуби од објективно посилниот претставник на Ерменија, интернационалниот мајстор (ИМ) Роберт Пилипсјан (2.416, рангиран седми).
Во второто коло Златков со бели фигури вчера за противник го имаше ФМ од Албанија, Ергит Рамај (2.305, рангиран 29.), додека Бурнс исто така како „бел“ играше со Белгиецот Тим Леторет (1.968, рангиран на 56-то место). На ЕП 2026 во машка конкуренција играат вкупно 68 шахисти (два ВМ, 10 ИМ, 27 ФМ) од 33 држави, додека во женска конкуренција 43 шахистки (еден ИМ, четири ЖИМ, еден ФМ, 14 ЖФМ) од 26 шаховски федерации. Македонија нема своја претставничка на ова ЕП. Г.И.