Седум нови случаи на инфекција со западнонилска треска се регистрирани оваа недела во Македонија, информираше денеска Министерството за здравство.
Според соопштението, сите случаи се од Скопје – по два од општините Кисела Вода и Гази Баба и по еден од Илинден, Бутел и Аеродром. Новозаболените лица се на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани.
– На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментот се хоспитализирани вкупно 16 пациенти. Кај 15 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден суспектен случај се очекуваат резултатите. Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани – велат од Министерството за здравство.
Според надлежните во Министерството, станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања, додека другите претходно хоспитализирани пациенти се во стабилна состојба и добиваат соодветен третман.
– Досега во државата се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Првиот случај бил пријавен на 15 мај 2026 година во Велес. Најефикасната превенција е заштитата од убоди од комарци. Се препорачува да се избегнува престој на отворено во зори и во самрак, кога комарците се најактивни, како и да се користат репеленти и заштитни мрежи на вратите и прозорците. Граѓаните треба редовно да ги отстрануваат застоените води од дворовите и терасите, бидејќи тие претставуваат погодни места за размножување на комарците – информираат од Министерството за здравство.
































