Работници на „Фолксваген“ на протест

Најсилната европска економија влегува во опасна зона

  • Според податоците на Институтот за економски истражувања од Хале (ИВХ), во вториот квартал од 2026 година дури 4.996 компании поднеле барање за несолвентност, што претставува раст од девет проценти (девет отсто) во однос на претходниот квартал и највисока бројка за втор квартал од 2005 година наваму
  • Доколку не се стабилизираат енергетските трошоци, не се обнови индустриската конкурентност и не се врати довербата кај компаниите, банкротите би можеле да станат новата реалност на германската економија, со последици што ќе ги почувствува цела Европа

Германија, поранешниот економскиот мотор на Европската Унија, се соочува со најголемиот бран корпоративни банкроти во повеќе од две децении.

Рекорден број компании пред затворање

Според податоците на Институтот за економски истражувања од Хале (ИВХ), во вториот квартал од 2026 година дури 4.996 компании поднеле барање за несолвентност, што претставува раст од девет проценти (девет отсто) во однос на претходниот квартал и највисока бројка за втор квартал од 2005 година наваму.
Овие бројки не претставуваат само статистика туку се сериозен сигнал дека германската економија се наоѓа под силен притисок. Несолвентноста значи дека компаниите повеќе не можат да ги сервисираат своите доспеани обврски, а последиците веќе ги чувствуваат десетици илјади работници и целокупниот стопански систем.

Кризата ги погодува речиси сите стопански гранки

Особено загрижува фактот што бранот банкроти не е ограничен на еден сектор. Напротив, кризата ги зафаќа речиси сите клучни гранки на германската економија – градежништвото, секторот за недвижности, трговијата, угостителството и услужните дејности.
Според процените на ИВХ, само во вториот квартал овие стечајни постапки директно погодиле околу 45.500 работни места. Само во јуни, пак, барање за несолвентност поднеле 1.702 компании, што е за 20 проценти повеќе во споредба со истиот месец минатата година и дури 80 проценти над просекот за јуни во периодот пред пандемијата. Таквите показатели укажуваат дека не станува збор за краткотраен шок, туку за продлабочување на структурните слабости на „најголемата“ европска економија.

Енергентите и геополитиката ја продлабочуваат кризата

Раководителот на истражувањата за несолвентност во ИВХ, Штефен Милер, предупредува дека корпоративните банкроти остануваат на „исклучително високо ниво“. Според него, ситуацијата и натаму е многу сложена бидејќи банкротите истовремено погодуваат голем број индустрии и региони, а институтот очекува високото ниво на несолвентност да продолжи и во третиот квартал од годинава. Во основата на кризата стојат неколку фактори што меѓусебно се дополнуваат. Германија се соочува со значително повисоки трошоци за енергија откако го прекина увозот на руска нафта и природен гас по ескалацијата на конфликтот во Украина во 2022 година. Дополнителен удар претставува и неодамнешниот нагол раст на цените на суровата нафта, предизвикан од американско-израелскиот воен судир со Иран, што уште повеќе ги зголеми производствените трошоци за германската индустрија.

Автомобилската индустрија доживува крах

Особено силен притисок се чувствува во реалната економија, односно во производствениот сектор, кој со децении беше симбол на германската економска моќ. Најголеми проблеми има автомобилската индустрија, која се соочува со високи производствени трошоци, намалена побарувачка и засилена глобална конкуренција.
Илустрација за состојбата е и случајот со „Фолксваген“, за што детално пишувавме во „Нова Македонија“ на почеток на месецов. Таму, нови моменти се што работниците организираа протести поради планот за реструктурирање, кој, според достапните информации што ги проследивме претходно, би можел да доведе до укинување до 100.000 работни места и затворање фабрики низ Германија. За земја што со децении го градеше својот економски успех токму врз автомобилската индустрија, ова претставува сериозен аларм.

Две години рецесија оставаат длабоки последици

Германската економија веќе две последователни години бележи пад. Во 2023 и 2024 година бруто-домашниот производ се намали, што е прв ваков последователен годишен пад во повеќе од дваесет години. Иако за 2026 година се прогнозира раст од само 0,5 проценти, актуелните показатели покажуваат дека закрепнувањето ќе биде бавно и неизвесно. Официјалните статистики дополнително потврдуваат дека бројот на корпоративни стечаи нагло расте во последните години, со повеќе од 22 проценти зголемување и во 2023 и во 2024 година. Последните податоци од вториот квартал на 2026 година само ја потврдуваат оваа негативна динамика.

Банкротите се порака до цела Европа

Она што денес се случува во Германија не е само германски проблем. Како најголема економија во Европската Унија, секое посериозно забавување или раст на бројот на банкроти неизбежно се прелева и врз другите европски економии преку трговијата, индустриските синџири и инвестициите. Рекордниот број несолвентни компании, растечките трошоци за производство, намалената конкурентност и неизвесната геополитичка средина претставуваат предупредување дека германскиот економски модел се наоѓа пред сериозен тест. Доколку не се стабилизираат енергетските трошоци, не се обнови индустриската конкурентност и не се врати довербата кај компаниите, банкротите би можеле да останат новата реалност на германската економија, со последици што ќе ги почувствува цела Европа.

Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија