mosquitoes komarec
Фото: ЕПА

Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ потврди дека во земјата се регистрирани првите два случаи на западнонилска треска оваа година.

Заболените се жители на Белград на возраст од 75 и 82 години. И двајцата се хоспитализирани на Клиниката за инфективни и тропски болести поради невроинвазивна форма на заболувањето.

Од Институтот апелираат граѓаните да се заштитат од убоди од комарци со користење репеленти, носење светла облека со долги ракави и ногавици и избегнување престој на отворено во самрак и зори, кога комарците се најактивни.

Здравствените власти препорачуваат и редовно отстранување на застоена вода од дворовите, саксиите, бурињата и другите садови, како и отстранување стари гуми и предмети во кои може да се задржува вода, за да се намали размножувањето на комарците.

При патување во тропски и суптропски предели, „Батут“ советува доследно почитување на превентивните мерки и навремено јавување кај лекар доколку се појават симптоми што укажуваат на потешка форма на болеста.