Фото: Принтскрин

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека за реализација на стратешките инфраструктурни проекти не е доволна само политичка волја, туку е неопходна и стабилна и одржлива финансиска рамка.

На потпишувањето на амандманите на договорите за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, како дел од Коридорот 8, таа истакна дека со документите се обезбедува финансиската конструкција што ќе овозможи непречена реализација на проектот.

 – Овој проект ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море, ќе ја зајакне економската интеграција, ќе го олесни движењето на луѓето и стоките и ќе отвори нови можности за развој на македонската економија и регионот – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа посочи дека средствата за третата делница се обезбедени со поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оценувајќи дека нивната поддршка е потврда за довербата во владините политики и во стратешкото значење на проектот.

Министерката нагласи дека Владата во изминатите две години работела на забрзување на инфраструктурните проекти што биле во застој, како и на започнување нови инвестиции кои ќе придонесат за економски развој и евроинтеграцијата на државата.

Според неа, со ребалансот на Буџетот за 2026 година се обезбедени дополнителни 5,8 милијарди денари за капитални инвестиции, што е за 14,3 проценти повеќе од првично планираните средства.

 – Овие средства се инвестиција во поголема конкурентност на економијата, подобра регионална поврзаност, нови можности за бизнисот и повисок животен стандард на граѓаните, при што остануваме посветени и на зачувување на стабилноста на јавните финансии – истакна Димитриеска-Кочоска.

На церемонијата во Владата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, претставници на Европската Унија, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Железници – Инфраструктура.