Фотографијата е обработена со помош на АИ

Македонската борба за слобода како клучно европско прашање во статијата на словенечкиот публицист Нико Жупанич од 1903 година

  • Текстот на Жупанич е важен документ за разбирање на европската перцепција на македонското прашање во 1903 година – годината на
    Илинденското востание. Тој ја гледа Македонија како двоен симбол: од една страна како „симбол на културна должност на Европа“, а од друга страна како прашање на опстанок за Јужните Словени. Оваа двојност е суштинска за југословенскиот интелектуален дискурс: Македонија истовремено е морална обврска на Европа и политичка нужност за југословенското обединување

Во својата статија „Македонија“ објавена во 1903 година, словенечкиот етнолог и публицист Нико Жупанич ја поставува Македонија не само како локално туку како светско прашање. Тој категорично нагласува: „Ликвидацијата на турското господство е пред врата. Секој ден образованиот свет со нетрпение прашува како се развива оваа светски важна работа“. Жупанич ја врзува судбината на Македонија со честа на европската култура, тврдејќи дека решението на македонското прашање е „задолжителна должност на секој образован човек“. Според него, Османлиската Империја е неспособна да спроведе реформи или да обезбеди автономија: „Во Турција однапред се невозможни секоја реформа и автономија. Целиот образован свет е цврсто убеден во тоа“. Тој предупредува дека секој обид за реформи би завршил со нови крвави настани, бидејќи „вооружениот мухамеданец едвај чека можност да ги покаже својот верски фанатизам и крволочност“. Во оваа перспектива, реформите не се гледаат како пат кон стабилност, туку како катализатор за нови масакри.
Жупанич ја пренесува сликата на германскиот научник Густав Вајганд, кој патувал низ Македонија со турска придружба и оставил потресно сведоштво. Тој пишува: „Борба за политичка, културна и верска надмоќ, борба за живот и имот се води во тие краишта пожестоко и побезобѕирно отколку каде било во Европа… каде што никој не е сигурен за својот живот“. Вајганд опишува земја во која „самоволието и фанатизмот триумфираат над најприродното право“, каде што „ропството и суровоста го задушуваат секое слободно движење“ и каде што „ден за ден невини се затвораат и прогонуваат“. Оваа слика е толку страшна што самиот признава: „Со ужас се сеќавам на онаа несреќна земја (Македонија – н.з.); ми недостигаат зборови за достојно да ги опишам срамните односи“. Жупанич го користи ова сведоштво за да ја засили својата аргументација: Македонија не е само локален проблем туку европска срамота. Тој заклучува дека „страшната слика“ не е вина само на турскиот систем туку и на „колебливата европска дипломатија“, која со својата пасивност дозволува продолжување на страдањата. Оваа критика е важна, бидејќи ја пренесува одговорноста од Османлиската Империја кон Европа. Жупанич смета дека европските сили, со својата неактивност и трговски калкулации, стануваат соучесници во страдањата на македонското население.

Македонија како клучна точка во европскиот интелектуалниот дискурс

Жупаничевиот текст е типичен пример за интелектуалниот дискурс од почетокот на 20 век, кога Македонија се гледа како клучна точка за иднината на Јужните Словени. Тој ја поставува како прашање на опстанок: „Ако Македонија не дојде во југословенски раце, изгубени сме и ние Словенците!“. Оваа визија не е само романтична идеја туку стратегиска процена. Жупанич ја врзува судбината на Македонија со геополитичките амбиции на големите сили – особено Германија – кои преку Балканот бараат пат кон Мала Азија. Тој предупредува: „Кој не гледа, како Вилхелм Втори и неговиот канцелар Булов бараат патишта преку југословенските земји во Мала Азија?“
Текстот на Жупанич е важен документ за разбирање на европската перцепција на македонското прашање во 1903 година – годината на Илинденското востание. Тој ја гледа Македонија како двоен симбол: од една страна како „симбол на културна должност на Европа“, а од друга страна како прашање на опстанок за Јужните Словени. Оваа двојност е суштинска за југословенскиот интелектуален дискурс: Македонија е истовремено морална обврска на Европа и политичка нужност за југословенското обединување. Таа станува точка каде што се преклопуваат културните идеали и геополитичките интереси, што ја прави централна во визијата за иднината на Балканот. Д.Ст.

Извор: „Словенски народ“, Љубљана, 26 август 1903, XXXVI лето, број 196.


Македонија како наследство на античката култура

Кога Нико Жупанич ја пишува својата статија „Македонија“ во 1903 година, тој не ја гледа само како геополитичка територија во судирот меѓу големите сили туку и како земја со длабоко културно и историско значење. За него, Македонија е симбол на цивилизациска должност на Европа – простор што ја задолжува Европа со своето минато. Жупанич вели: „Слободна мора да биде Македонија, слободна таа прекрасна земја, која го роди Александар Велики! Од благодарност што ни даде човек, кој направи толку многу за културата, треба да се вмешаме!“ (Ljubljanski zvon, 1903, стр. 244). Со оваа реченица, тој ја поврзува античката историја со современата политичка борба. Александар Велики, фигурата што ја проширила хеленистичката култура и ја поврзала Европа со Азија, се претставува како доказ дека Македонија е земја што дала придонес за светската цивилизација. Жупанич ја користи оваа симболика за да ја засили својата аргументација: ако Македонија некогаш родила човек што „направил толку многу за културата“, тогаш Европа има морална обврска да ја ослободи од турското господство и да ја врати во кругот на културните народи. Оваа реторика е дел од пошироката стратегија на југословенските интелектуалци – да ја претстават Македонија не само како национално прашање туку како цивилизациска точка од која зависи иднината на Европа и Јужните Словени. Александар Македонски станува мост меѓу античкото наследство и модерната политичка визија, симбол на културна должност и историска легитимност.


Грција и Илинденското востание во пишувањата на „Словенски народ“ (1903)

Во бројот од 26 август 1903 година, весникот „Словенски народ“ од Љубљана објавува текст што се однесува на дипломатските и политичките реакции околу Илинденското востание. Во него се наведува дека „во дипломатските и политичките кругови кружи вест дека Турција и Грција имаат намера да формираат сојуз поради настаните во Македонија, со цел заеднички да дејствуваат против македонските востаници“. Весникот забележува дека, иако таков сојуз изгледа неверојатен поради длабоката историска омраза меѓу двата народа, „сосема е веројатно, речиси сигурно, со оглед на неодамнешните политички настани, дека воен сојуз меѓу Турција и Грција ќе биде склучен, ако не можеби јавно, тогаш сигурно тајно“. Овој текст е дел од пошироката европска реакција на македонското востание, кое во летото 1903 година го потресе Балканот и го стави прашањето за Македонија во центарот на меѓународната политика. Весникот „Словенски народ“, кој во тоа време бил водечки либерален гласник на словенечката јавност, го следи развојот на настаните со јасна свест за нивната регионална и цивилизациска тежина.
Во својата анализа весникот ја истакнува парадоксалната позиција на Грција, која, иако христијанска држава и традиционален противник на Турција, во овој момент „се обединува во пријателски сојуз од заедничката омраза кон Бугарија“. Грција, според текстот, „би претпочитала да отсече дел од турското тело, како што направи со Крит“, но во однос на Македонија се покажува како „љубоморен бранител на неповредливоста на турската држава“. Весникот наведува дека грчката влада им наредила на своите власти во Тесалија да ги следат македонските бегалци и нивните пријатели, а на конзулите во Македонија – да ги советуваат грчките граѓани и да ги поддржуваат турските власти во задушувањето на немирите. Оваа позиција се толкува како прагматичен, но циничен потег, со кој Грција се обидува да го зачува својот влијателен статус во регионот и да спречи бугарско проширување. Весникот дополнително забележува дека „се прават подготовки за состанок на големите сили, на кој повторно ќе се истакне истата тешка состојба на Грците во Македонија“, а не е исклучено „Грција, во случај на бугарско-турска војна, да застане на страната на најголемиот сојузник на христијаните“.
Пишувањето на „Словенски народ“ ја одразува тогашната словенечка интелектуална перспектива – солидарност со македонските востаници и критика на балканските држави што наместо да се обединат против османлиското владеење, се вплеткуваат во меѓусебни ривалства. Македонија се претставува како огледало на балканската поделба, каде што секоја држава – Турција, Грција, Бугарија и Србија – настојува да ја претстави како своја историска или етничка територија. Со тоа, текстот од август 1903 година претставува значаен документ за разбирање на европската и балканската перцепција на Илинденското востание, сведоштво за моментот кога Македонија станува центар на дипломатски интриги, а словенечката јавност преку „Словенски народ“ го препознава нејзиното значење за иднината на Јужните Словени. Д.Ст.