Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нов круг разговори со ирански претставници, откако привремено ги откажа понатамошните напади врз Иран, пренесе Ројтерс.

Преговорите треба да се одржат денеска, изјави Трамп пред новинарите синоќа во претседателскиот авион, додека патуваше од Њу Џерси за Вашингтон, пренесе АП.

Тој не прецизира каде ќе се одржат разговорите, колку долго би можеле да траат, ниту кој ќе учествува, пренесува ДПА.

Трамп повтори дека американската војска во последен момент се откажала од плановите за нов бран напади врз Иран, по апелите од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Иран, пренесува Франс Прес.

Планираниот напад, според него, „би бил најголемиот од Втората светска војна и би бил катастрофален за нив“, пренесе Ројтерс.

Трамп додава дека ги откажал нападите откако американските сојузници му рекле дека договорот изгледа блиску. Иран, според него, исто така навестил дека сака да постигне договор, пренесува АП.

Иран и САД во средината на јуни постигнаа рамковен договор со цел да се стави крај на војната што започна кон крајот на февруари, пренесе ДПА.

Понатамошните детали требаше да се разработат во текот на 60-дневен преоден период, иако сомнежите за одржливоста на договорот се појавија уште од самиот почеток, а двете страни оттогаш извршија повеќекратни големи напади, пишува Франс Прес.

Трамп во саботата рече дека го суспендира новиот бран напади бидејќи биле договорени „рамките на договорот“.
Досега нема потврда од Иран дека договорот е навистина блиску.