Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на државата во времетраење од 30 дена, поради зголемената опасност од пожари на отворен простор и шумски пожари. Одлуката ќе стапи во сила утре.
Како што соопшти владината прес-служба, мерката е донесена со цел навремено, координирано и поефикасно справување со пожарите, како и максимално ангажирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.
Во рамките на кризна состојба ќе биде активиран Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе заседава постојано. Во рок од 24 часа треба да изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции.
Владата истовремено ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно прописите за управување со кризи и целосно да ги стават на располагање своите човечки и технички капацитети, со цел навремена и ефикасна реакција на терен.
































