Фото: Ка.М.

Во Народната библиотека „Борка Талески“ во Прилеп денеска беше отворена изложбата „Истакнати културни дејци и достигнувања на Русија“, која преку фотографии и книги го претставува богатото руско културно наследство.

Изложбата е организирана во рамки на долгогодишната соработка меѓу библиотеката, Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и Македонско-руското друштво од Прилеп, а на отворањето присуствуваше и рускиот амбасадор Дмитриј Зиков.

Директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, во своето обраќање ја истакна важноста на долгогодишната културна соработка, нагласувајќи дека ваквите настани придонесуваат за збогатување на културната понуда и за продлабочување на меѓусебните врски.

Амбасадорот Зиков зборуваше за значењето на изложбата и за успешната соработка со библиотеката, истакнувајќи ја улогата на културата како мост меѓу народите.

Поставката содржи фотографии од Државниот академски „Бољшој театар“, еден од најпрепознатливите симболи на руската култура и светски познат центар на оперската и балетската уметност, кој годинава одбележува 250 години постоење.

Посетителите имаат можност да се запознаат и со животот и делото на истакнатите руски научници и просветители Михаил Ломоносов и Владимир Даљ, како и со наследството на Александар Афанасјев, познат собирач на рускиот фолклор.

Во рамки на изложбата се претставени и книги од фондот на библиотеката, меѓу кои дела од познати руски автори, на руски и на македонски јазик. Дел од овие изданија се донација од Амбасадата на Руската Федерација, која минатата година на библиотеката ѝ подари богата колекција книги од руски писатели со светско реноме.