Руска салата со персиски шербет и кинески нудли

Празничен број. Празнична колумна. Ама што празнуваме? Ден кога Македонците кренале масовно востание за слобода, кое завршило неуспешно, ама било инспирација за следната генерација, кои потоа ја ослободија Македонија. И каква врска имаат нордистанците со тие Македонци? Дури и да сме нивни потомци, по што сме слични на нив? Ние што слободната татковина дозволивме да биде повторно окупирана по специјална војна, девастирана, од име и идентитетските белези исчистена? Зошто? За да станеме членка на Унија во која само за нас важат некои чудни, изопачени правила инспирирани од една декларација во која е запишано дека држава со име Македонија не смее да постои. И уште тврдиме дека немаме друга алтернатива, а безумноста ја брендиравме како стратегиска политика, која секако треба да заврши со себепоништување како народ, целосно откажување од историјата (на половина од неа веќе ѝ се посравме во Нивици) и признание дека сме вештачка творба, па дури тогаш елитата ќе ни ги отвори вратите на својата „рајска градина“? И ние мртви ладни, ем врамени, бараме разумно (?) решение за овој проблем.
Какво проклето решение? Чиј факинг проблем? Бараме решение за проблемот што дузина нацистички умови го имаат со нас? Нормални ли сме ние? Имаме ли нешто во главите или тие само ни служат за селфи, чешлање, ждерење, пљмпање и кљафтење? Ќе се сетиме ли некогаш какви глупости правиме триесет и кусур години? Светот на големо живее научна фантастика, а ние се занимаваме со решавање туѓи деветнаесетвековни фрустрации од кои се оболени нашите соседи и истата онаа факинг Унија. Зошто? За да се напикаме во неа, оти сме се убедиле дека некој друг, а не ние, ќе ни донесе материјална благосостојба. И ќе ни ги реши практичните проблеми што од нас извираат. А како ќе ни ги реши? Откако ние ќе ги решиме нивните проблеми со нашиот идентитет, кој има вековен континуитет, иако, реално, треба да си го бараат тоа решение во некоја психијатриска клиника. Ама не, наместо за почеток да си ја исчистиме државата од сопственото ѓубре во кое се давиме и од партиски некадарници напикани по институции што нè држат заробени во нивната девастирачка неспособност, ние сме фатиле да ги решаваме нерешливите идентитетски фрустрации со нашето постоење на оние што нè опкружуваат како соседи, а се поддржани од уште позабегани евробирократи што сметаат дека не треба да има држава со име Македонија, забраната на ќесички за кечап и мајонез ја доживуваат како врвна реформа, а сакаат и војна со Русија.

Ама којзнае, сосема е возможно јас ништо да не разбирам, па доколку нордистанецот ја избрише Македонија давајќи им ја втората половина од македонската приказна на Бугарите (оти веќе им го даде првиот дел на Грците) и се зачлени потоа во Унијата каде што се забранети озлогласените ќесички за кечап и мајонез, но се посакува војна со Русија, можеби навистина подобро ќе се живее. Веќе го замислувам нордистанскиот инфлуенсер на прва борбена линија среде источниот фронт, со ранец во кој нема ќесички со кечап и мајонез, оклештен на селфи каде што се гледа ракетата која само што не му паднала врз тинтарата, а над фотката трепка напишаната мудрост што треба да ја возбуди јавноста: „Храни се здраво, речи им НЕ на ќесичките со кечап и мајонез, за сексуалноста секогаш да ти биде во ракетна ерекција и гушни ја слободата на фронтот на кој Русите ги потрошија чиповите за лопати, па среде ова слободоумно глобално село каде што само небото е лимит, потруди се да бидеш најдобра своја верзија“.
Многу сереш, Русјаков! Е па ај, ако не, да го баталиме Запад и да се свртиме кон Кина, Иран и Русија, наместо демократија да воведеме шеријат-диктатура со кинески нудли во неа, па да се палиме на руската агресија и слободата на говор да ја замениме со говор на омраза кон прогресивните западни вредности додека креваме раце од Унијата која сака да ги отвори своите фондови и чакри за нас, само треба да заборавиме на минатото во кое сме заглавени и да се свртиме кон иднината во која со светот веќе владее вештачката интелигенција, само ти тоа не можеш да го разбереш бидејќи си под руско влијание и мислиш дека името ќе ти ги плаќа сметките, а идентитетот ќе ни ги исчисти улиците, реставрира спомениците, врати насмевките и наполни со евра и долари џебовите
Вака размислува просечен нордистанец, врвен експерт за секоја божја проблематика, дел од оние осумдесет проценти што сакаат веднаш да се напикаат во Унијата, бидејќи е убеден дека тоа ќе му донесе финансиска благосостојба и решение за домашните аздиси кои и самиот ги прави, ама ги забележува само кај другите – дете на работничката класа чиј татко, шраф по шраф ја поткраднуваше фабриката, затоа што сите така правеа, или скаут на УДБ-а, кој својата некреативност ја замени со пишување туѓи биографии по темните одаи на службите, или вообразен елитист од црвената буржоазија, каде што безидејноста е брендирана како авангарда, интелектуална бижутерија сместена под маските на некаков академизам без импакт-фактор во духовноста – значи од сите класи и профили што прекуноќ се премачкаа во демократи, симболичен чин на трансформерс-идеологија, процес кога комуњара станува поголем Американец од Мики Маус со стратегиска цел да се интегрира во европскиот Дизниленд, кој те убедува дека имаш право на негово мислење и ако твоето е различно, тогаш ти си под наркотичко дејство на руска салата, удавена во персиски шербет со кинески нудли во неа, ама истовремено ти објаснува како во Титова Југославија се живееше најдобро и види како машинобраварот му покажа среден прст на Сталин, му дуваше чад во лице на Никсон и сфати дека треба да се заврти на трета страна за да просперираме – кој јавно се гади од сопствената балканштина и ја презира македонската приказна затоа што во неа има силни идеали и жртви за Македонија, кои се премногу груби, горчливи и неудобни за неговиот флексибилен ‘рбет, нежен стомак и мек задник навлечени на комформизам и консумеризам – и сето ова стварно ми е океј, ма терајте ја вие својата агенда, јас и онака сум малцинство во приказнава, само ги користам последните капки слобода на говор пред таа да стане говор на омраза доколку имам различно мислење, зашто тоа полека станува вербален деликт со цел да биде забрането како ќесички со кечап и мајонез.