Во Скопје сум речиси шеесет години и никогаш не сум го видел тоа што се случи на 21 јули годинава. Ураганскиот ветер ги кршеше гранките на дрвјата на улицата Народен фронт, глетка што со страв ја гледав од домашниот балкон. Попладнето и вечерта се појавуваа снимки од многу улици со слики од скршени гранки, паднати и откорнати дрвја. Но вистинската хаварија ја видов ден-два потоа во Градскиот парк, не заборавајќи ја притоа сликата од паднатото дрво во паркчето кај зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“, на четири-пет метри од најфреквентната крстосница во Скопје. Таму коренот на урнатото дрво има површина колку филмско платно, а дeбелото стебло е испружено на десетина метри.
Можеби претерувам, но ми се чини дека Градскиот парк, стариот и новиот дел, го има доживеано и преживеано, најверојатно, најнесреќниот ден во историјата на своето постоење. Десетици дрвја откорнати од корен, паднати како покосени. Стебла во тежини што се мерат со тони. Гранки од широки крошни исполегнати на трева и на асфалт. Дупки како кратери од бомби. Да ти е жал да гледаш. Тополи, борови, липи, брези, стебла што живееле можеби сто години. Природата си го направи своето пред човечката немоќ.
Хаварија доживува и Водно, скопските бели дробови. Но таа не е одмазда на природата туку резултат на човечка негрижа и лакомост. Тажни слики гледав во 2018 година при изградбата на магистралниот гасовод од Скопје кон Гостивар, со крак кон Тетово низ Водно, зафат што предизвика широки полемики во јавноста. Но како што обично бидува, никој не ја почу таа јавност, никој не ги послуша апелите за заштита. Моќни булдожери крчеа простор, безмилосно беше сечена шума. Тогашното владино раководство (СДСМ – ДУИ) хистерично бараше брзо да завршат работите да не останеле без гас овие национално чувствителни градови.
Што е најчудно, несфатливо и нелогично? На тој терен, за кој власта се бореше за последниот метар, денес нема шума, ама ниту гас ниту гасовод. Мртви, закопани огромни цевки. Ниту е нешто пошумено, ниту исправено, иако сите политички шефови ветуваа санирање. Дури и околу милион евра за нови дрвја. Парите потрошени за друга намена. Незавршениот, заборавениот гасовод на врвот на Водно за кој беа потрошени стотина милиони евра мириса на тешка криминално-финансиска афера. А што е најважно – никому веќе не му е грижа ниту за гасоводот ниту за шумата, за она што е уништено и за она што е направено, а сега пропаѓа. Милиони и милиони евра испарија како што испарува гасот.
Приказната за Водно има и друга темна страна. Во последниве пет-шест години се исушени речиси сите костенови дрвја, а ги има илјадници. Водно веќе ќе нема костени ниту како стебла ниту како плодови. Одамна е уништена широкораспространета зеленика, рапидно се намалуваат дишните органи на планината. И никому не му е гајле, освен на немоќните љубители на планината и рекреативното пешачење. Тие се многу на број, но немоќни да сторат што било за да ги спречат злосторства врз природата што се направени таму.
Проблемите со планините и со шумите во Македонија не се од вчера, но како што врви времето тие се зголемуваат наместо да се намалуваат. Во времето на Лазо Колишевски, во комунизмот, цела Македонија смислено и плански се пошумувала, од независноста наваму се отшумува. Несмислено и неплански. Одејќи во барање (некогаш и берење) печурки сведочам како од година на година гледам нови голини, диво соборувани стебла, чиниш намерно уништувани делови на шумата. Цел појас на Скопска Црна Гора, на Патишка Река, на Венец кај селото Дивле. Освен националните паркови, ништо друго не е заштитено како што треба, и покрај напорите на шумската полиција. Малку се, не можат да навасаат насекаде. И самите надлежни понекогаш прогледуваат низ прсти, особено пред избори, дозволено им е на „нашите“ да сечат дење и ноќе.
Дрвото е еден од најраширените симболи поврзани со природата и човекот. Симбол на исправеноста, на извишувањето, на издржливоста и долговечноста. Не само како природна појава туку и како метафора за човекот и неговиот живот. Тоа е највидливиот симбол на цикличниот карактер на смртта и повторното раѓање. На тоа потсетуваат листопадните дрвја, кои секоја година се соголуваат наесен, а одново се покриваат со лисја напролет, и тоа безброј пати. Дрвото ги поврзува трите нивоа на космосот: подземното, преку корењата, површината на земјата преку стеблото и небото преку гранките. Ги обединува сите исконски елементи: водата што како крв кружи низ него, земјата што го држи неговото тело, воздухот што му го храни лисјето и огнот што се пали при триење на две дрва.
Од праисторијата до денес речиси нема народ, религија или суеверие кај кои на некој вид дрво не му се даваат митски димензии, кое го сметаат за свето и го нарекуваат дрво на животот или му даваат други имиња – дрво на вселената, дрво на светот, дрво на светлината, дрво на спознанието, како што е на пример јаболковото дрво во рајската градина на Адам и Ева. Како што секој бог си има света гора, така речиси секој народ има свето дрво, што денес е или мит или национална гордост. Кај Келтите дабот, кај Германците – липата, кај Скандинавците – јасенот, кај Канаѓаните – јаворот, кај Русите брезата, кај земјите од исламскиот Ориент – маслинката или кедарот, кај Австралијците –еукалиптусот. Меѓу нив се дрвото баобаб од Африка, моринга од Јапонија, арган од Мароко и други. Гинко во Кина – златно дрво на животот, кое го подобрува памтењето. Џиновската секвоја уште е позната и како црвено дрво што се наоѓа во областите на Северна Калифорнија, е најголемиот жив организам на планетата, која живее околу 4.900 години, а расте просечно 120 метри во висина и 11 метри во ширина.
Дека дрвото е слика на светот верувале и Старите Словени. И тие запишувале дека од него сѐ почнало, дека и човекот настанал од дрво. Постојат записи за нивни убедувања дека по смртта душите на мртвите влегуваат во некое стебло и таму го поминуваат вонземскиот, вечен живот. Како што се верува дека секој човек има своја ѕвезда на небото, така се верувало дека секоја душа има свое дрво и, обратно, дека секое дрво чува нечија душа.
Во Македонија, во македонската народна традиција, нема или се многу ретки претставите за дрвото на животот, за шумските митологии и боговите во нив, за шумски чуда и волшебни приказни. Можеби затоа не е создадена свеста да се чуваат шумите, туку да се сече каде што ќе се стигне. Без да се мисли да се посади ново. А и ако се сади, тој чин повеќе да биде пропаганда наместо вистинска акција. Таква, на пример, беше кампањата под име „Ден на дрвото“, со која во неколку наврати биле наводно засадени милион садници. Денес низ македонските ридови и падини од тие милионски садници нема ниту глас ниту трага. Нема ново дрво, освен „дрвата“ што не водат сметка за шумите.
































