- Досегашните преданија и мои лични аматерски истражувања не го потврдуваат името Вангел Чутревски во официјалните списоци на патниците на „Титаник“. Но тоа не мора да значи дека приказната е целосно без основа. Во тоа време имињата на балканските иселеници често биле запишувани погрешно, според слух или на јазик што тие самите не го зборувале. Не е исклучено едно исто лице да биде заведено под сосема поинакво име или презиме. Можно е, пак, Вангел да отпатувал со друг брод, а неговата судбина подоцна да се споила со трагедијата на „Титаник“, која останала најсилниот симбол на печалбарските надежи што завршиле во морските длабочини.
Во секое старо македонско село има приказни што не можат да се најдат во учебниците и архивите. Тие не се запишувале на хартија, туку останувале во паметењето на луѓето и се прераскажувале од колено на колено. Некои со текот на времето станале легенди, а некои останале како нерешени животни мистерии. Таква е и приказната што повеќе од еден век живее во демирхисарското Слепче. Слепче отсекогаш било познато како печалбарско село. Речиси секое семејство имало некого во туѓина. Едни заминувале за Америка, други за Австралија, трети по европските земји. Во тие времиња сиромаштијата била голема, а младите луѓе гледале спас само надвор од Македонија. Од селото се тргнувало со надеж дека некаде далеку ќе се заработи за куќа, земја или подобар живот. Но многумина никогаш не се враќале.
Меѓу тие судбини и денес се споменува името на Вангел Чутровски, или Чутревски, како што е забележано во некои кажувања. Според старите слепчани, Вангел имал само шеснаесет години кога тргнал за Америка. Се зборувало дека се качил на „Титаник“, бродот што требало да ги однесе печалбарите кон нов живот. По неговото потонување му се губи секоја трага. Но токму тука започнува приказната. Едни велеле дека загинал заедно со стотиците несреќници во студените води на Атлантикот. Други одбивале да поверуваат во тоа. Со години се раскажувало дека успеал да се спаси така што облекол женска облека и се качил во еден од чамците за спасување. Имало и такви што тврделе дека подоцна го виделе во Америка, но дека избегнувал да разговара со луѓе од својот крај. Дали било така или не, денес никој не може со сигурност да потврди.
Пред околу триесет години во дневниот весник „Нова Македонија“ бил објавен кус текст во кој накратко била спомената оваа необична приказна. Копија од тој напис неодамна ми отстапи мојот пријател Раде Пупунчевски од Слепче, пасиониран љубител на старите преданија, необичните случки и заборавените судбини поврзани со Слепче и неговите жители.

Тоа повторно ја разбуди мојата љубопитност. Бидејќи со фамилијата Чутровски ме врзуваат блиски роднински врски, решив да поразговарам со денешните потомци. Искрено очекував дека барем некој ќе ја знае оваа приказна или ќе го памети името на Вангел. Но одговорот беше сосема поинаков. Сите со кои разговарав ми рекоа дека првпат слушаат за Вангел Чутревски и за каква било поврзаност на нивното семејство со „Титаник“. Во нивното семејно паметење таква приказна не била зачувана.
Токму тоа ја прави оваа сторија уште позагадочна. Од една страна се сеќавањата што со генерации се пренесувале меѓу постарите слепчани. Од друга страна е молкот на семејното предание. Досегашните преданија и мои лични аматерски истражувања не го потврдуваат името Вангел Чутревски во официјалните списоци на патниците на „Титаник“. Но тоа не мора да значи дека приказната е целосно без основа. Во тоа време имињата на балканските иселеници често биле запишувани погрешно, според слух или на јазик што тие самите не го зборувале. Не е исклучено едно исто лице да биде заведено под сосема поинакво име или презиме. Можно е, пак, Вангел да отпатувал со друг брод, а неговата судбина подоцна да се споила со трагедијата на „Титаник“, која останала најсилниот симбол на печалбарските надежи што завршиле во морските длабочини. Вистината, барем засега, останува некаде помеѓу документите и народното паметење.
Но можеби тоа и не е најважното. Поважно е што оваа приказна преживеала повеќе од еден век. Некој ја слушнал од своите родители, друг од дедо си, трет им ја раскажал на своите деца. Така, без архивски печати и официјални потврди, едно име останало да живее во колективната меморија на Слепче. Можеби еден ден некој ќе пронајде пожолтена патничка листа, старо писмо или заборавен документ што ќе ја потврди или ќе ја побие оваа приказна. Дотогаш, таа останува дел од нашето културно паметење. Зашто, старите луѓе често знаеја да кажат дека не исчезнува човекот кога ќе го снема, туку кога веќе никој нема да го споменува.
Можеби токму затоа вредеше повторно да се раскаже и оваа приказна за момчето од Слепче што тргнало по подобар живот, а зад себе оставило една од најнеобичните мистерии на македонското печалбарство.
Пишува: Благоја Шундовски































