Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека ќе има одговорност за сите кои со постапување или непостапување придонеле за загадувањето на водата во Гостивар, истакнувајќи дека истрагата се води темелно и во координација со Јавното обвинителство.
По седницата на Централниот кризен штаб во Гостивар, Тошковски изјави дека во рамките на истрагата веќе се сослушани голем број лица и се преземаат повеќе истражни дејствија.
– Одговорност ќе сноси секој за кого ќе се утврди дека со дејствување или со пропуст придонел за оваа состојба. Без разлика дали станува збор за директна или индиректна вина, секој што не ја извршил својата законска обврска ќе одговара – изјави Тошковски.
Тој нагласи дека постапката ќе се води исклучиво согласно законите и доказите.
– Не смееме да постапуваме паушално. Институциите се должни да ја спроведат постапката законски, а не по принципот на Див Запад – рече министерот.
Осврнувајќи се на прашањата околу претходните анализи на водата, кои не покажале отстапувања сè до избувнувањето на кризата, Тошковски истакна дека токму тоа е предмет на истрагата.
– Не сме овде затоа што состојбата е добра, туку затоа што решаваме сериозен проблем. Наш приоритет е најпрво да обезбедиме технички исправна вода, а потоа и безбедна вода за пиење. Паралелно, секој што ќе се покаже како одговорен ќе одговара – нагласи тој.
Министерот порача дека случајот треба да биде поука за сите институции и дека во иднина мора да се почитуваат јасни процедури и стандарди за да се избегнат вакви ситуации.
– Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и сите надлежни органи ќе ја завршат својата работа. Ќе ја утврдиме фактичката состојба и ќе обезбедиме правда – рече Тошковски.
Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им одреди 30-дневен притвор на тројцата осомничени – Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои извршуваат раководни функции во јавното комунално претпријатие во Гостивар.
Судот го прифати предлогот на Јавното обвинителство, оценувајќи дека постои опасност осомничените да избегаат или да влијаат врз сведоците. Тие се сомничат дека со незаконско поставување потопни пумпи во одводен канал овозможиле вода со штетни материи да навлезе во системот за водоснабдување, што, според истрагата, довело до епидемијата во Гостивар.
Според Обвинителството, на 25 јуни осомничените наложиле поставување три потопни пумпи во канал со загадена површинска вода за да го тестираат притисокот на системот. При увидот на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и пренесувале загадена вода во водоводната мрежа.
Поради состојбата, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во Општина Гостивар со цел побрза координација на институциите и нормализирање на водоснабдувањето.
































