„Од канон до индивидуален израз“ – изложба во „Чифте-амам“

Во Националната галерија на Македонија, под менаџерство на директорот Али Синани, на 28 јули, во 20 часот, во објектот „Чифте-амам“ ќе биде отворена изложбата „Од канон до индивидуален израз: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19–20 век)“. Изложбата го следи развојот на македонското сликарство во периодот на длабоки општествени, културни и естетски промени.
Преку внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија, посетителите ќе имаат можност да проследат трансформација од традиционалното црковно сликарство кон профаното, граѓанско сликарство – процес што претставува една од клучните пресвртници во историјата на македонската ликовна уметност. На изложбата ќе бидат презентирани досега неизложени, како и ретко изложувани икони и слики, создадени во периодот од средината на19 век до средината на 20 век. Поставката вклучува дела од истакнати автори како Дичо Зограф, Никола Михаилов, Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Коста Шкодреану и Михајло Шојлев, но и непознати зографи, чие творештво ја отсликува постепената промена на уметничките принципи, тематиката и визуелниот јазик во македонската средина.
– Во текот на19 век, зографите, иако верни на канонските правила на православното иконописно сликарство, сè почесто внесуваат елементи на индивидуален израз, поголема пластичност на формите, реалистичен пристап кон човечката фигура и интерес за просторот и природата. Под влијание на европските академски текови, овие промени постепено го отвораат патот кон појавата на профаното сликарство, во кое религиозните теми се заменуваат со портрети, историски композиции, пејзажи и сцени од секојдневниот живот – се вели во најавата.
Изложбата има цел да покаже дека токму овие автори претставуваат важна врска меѓу вековната иконописна традиција и современите уметнички текови што ќе се развијат во првата половина на 20 век.

– Без нивниот придонес, нивната уметничка љубопитност и постепеното прифаќање на новите европски влијанија, развојот на модерната македонска уметност би бил незамислив. Особено значење има фактот што овие творци работеле во исклучително сложени историски околности – во време на политички превирања, национални и културни пропаганди, воени конфликти и општествени промени. И покрај сите предизвици, тие успеале да создадат дела со високи уметнички вредности и да постават цврсти темели врз кои подоцна ќе се развива современата македонска ликовна сцена. Преку оваа презентација, пошироката јавност ќе има можност да се запознае со едно исклучително значајно културно наследство и со делата што сведочат за создавањето на македонскиот ликовен идентитет, како потсетник на континуитетот на уметничкото творештво во Македонија и на неговата способност да ги следи европските културни текови, притоа зачувувајќи ја сопствената автентичност – вели Владимир Таневски, кустос и автор на изложбата.
Стручни соработници се вишата кустоска Маја Чанкуловска Михајловска и кустос-советничката Маја Неделкоска Брзанова. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август.