Водата за пиење во Скопје е безбедна и ги исполнува сите законски стандарди за квалитет, покажуваат најновите анализи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Од претпријатието информираат дека во рамки на редовниот дневен мониторинг, Секторот за санитарна контрола земал 43 примероци од водоводната мрежа. Од нив, три се од бунарскиот потег Нерези – Лепенец, а два примероци се од сурова вода од двете каптажи на изворот Рашче.
Според резултатите од лабораториските испитувања, сите анализирани примероци од водоснабдителниот систем на главниот град се во согласност со Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од ЈП „Водовод и канализација“ посочуваат дека редовните контроли продолжуваат со цел постојано следење и гарантирање на квалитетот на водата што ја користат граѓаните.
































