МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА (6)
Идеите што Крсте Петков Мисирков ги поставува во почетокот на XX век не добиваат веднаш можност да бидат реализирани. Историските и политичките околности не го дозволуваат тоа. Но тие остануваат живи и по повеќе од четири децении ќе станат темел врз кој ќе се изгради современиот македонски литературен јазик.
На 2 август 1944 година, на Првото заседание на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија (АСНОМ), македонскиот јазик е прогласен за службен јазик на македонската држава. Со ова не се создава нов јазик, туку државата првпат официјално го утврдува статусот на македонскиот јазик како службен јазик, заокружувајќи еден повеќевековен историски и книжевно-јазичен развој.
Следната година започнува процесот на неговата кодификација. Се усвојуваат македонската азбука и првиот правопис, а потоа следуваат граматиката, речниците и изградбата на современата јазична норма. Во овој процес особено значајна улога има академик Блаже Конески, кој, заедно со своите современици, ги поставува темелите на современиот македонски литературен јазик.
Важно е да се нагласи дека кодификацијата не претставува создавање нов јазик. Таа претставува нормирање на јазик што веќе постои, исто како што тоа претходно се случило со другите европски литературни јазици. Ниту еден стандарден јазик не настанува преку политичка одлука. Политичката одлука може да го признае, но не и да го создаде.
Токму затоа современата славистика никогаш не го поставува прашањето дали македонскиот јазик постои. Научната расправа одамна е завршена.
Уште кон крајот на XIX век, Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак ја поставуваат Македонската теорија за дијалектната основа на старословенскиот јазик. Во XX век, Андре Вајан јасно ги разликува старомакедонската и старобугарската редакција на црковнословенскиот јазик. Во XX век истражувањата на Афанасиј Селишчев, Мјачеслав Малецки, Самуел Бернштејн, Роман Јакобсон, Хорас Лант и на голем број други слависти дополнително ги потврдуваат особеностите на македонскиот јазик и придонесуваат за развојот на современата македонистика.
Во својата капитална книга „Водич низ словенските јазици“ („The Guide to the Slavonic Languages“), славистот Реџиналд де Бреј го обработува македонскиот јазик како посебен словенски литературен јазик, рамноправно со другите словенски јазици. Тоа не е политичка декларација, туку заклучок заснован врз повеќедецениски лингвистички истражувања.
Современата наука одамна не расправа дали македонскиот и бугарскиот јазик се еден или два јазика. Таа ги проучува како два современи словенски литературни јазици, секој со свој историски развој, своја дијалектна основа, своја книжевна традиција и со свој стандарден развој.
Но историските сведоштва и ставовите на славистиката се само едната страна на прашањето. Различниот развоен пат на македонскиот и на бугарскиот јазик денес може да се препознае и во самата нивна структура – во азбуката и правописот, во фонетиката, граматиката, синтаксата и лексиката. Токму на тие конкретни разлики ќе се задржиме во последното продолжение.
Елка Јачева-Улчар
(продолжува)































