Танцовиот перформанс „Митот за Амазонките“, инспириран од легендата за митската раса жени воини, беше изведен на „Охридско лето“ од грчкиот танцов театар „АРТ денс“.
Во сржта на ова атрактивно музичко-сценско дело беа Амазонките, симбол на силата, автономијата и еднаквоста, кои оживеаја на сцената „Долни сарај“ преку динамичен спој на современиот танц и театарски израз, со оригинална музика напишана од Јанис Псимадас, специјално за оваа претстава.
Приказната за Амазонките беше доловена преку два мита: одземањето на златниот појас на кралицата на Амазонките, Хиполита, од страна на Херкулес, како и митот што ја долови трагичната иронија на љубовта среде војна каде што во потресниот двобој помеѓу Ахил и Пентесилеја тој ја убива неа и откако ќе ѝ го тргне сребрениот шлем, се вљубува во нејзината убавина, но безнадежно.
Креативниот сензибилитет на изведувачите Аигли Сарлани, Никос Кормпакис, Афродити Вервениоти, Мелина Бала, Кристина Карагиованиди, Мариеви Лефкиммијати и Катерина Петрополу, преку танцот донесе доживување полно со моќ и емоции. Грчките уметници покажаа нагласено чувство за колективна игра и успеаја во нивната цел, да го преточат ова дело во атракција за публиката, која под отворено небо уживаше во спојот помеѓу антиката и модерното.
Кореографка и сценаристка на претставата е Артемис Игнатиу, која е и режисерка, кореографка и уметничка директорка на церемонијата на палење и предавање на олимпискиот оган. Игнатиу е и основачка на танцовиот театар „АРТ денс“, кој премиерно ја изведе оваа претстава во 2013 година за време на Културниот фестивал во музејот „Бубулина“ во Спетсес во Грција. Во 2014 година, овој перформанс беше избран од Грчкото министерство за култура да ја претставува Грција на Интернационалниот фестивал во Сус, како и на неколку други фестивали во Тунис. Во 2017 година на културната соработка помеѓу Грција и Кина, „Амазонките“ се играа во Гуанжу и во Шунде-Фошан, а во 2022 година беа дел од активностите за одбележување на Тирана – европски младински град за 2022 година.
































