ФЕЉТОН „ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“
- Историските преданија за Гоце Делчев (втор дел)
Историските преданија за Гоце Делчев, како многу важен дел од македонската фолклористика, овозможуваат увид во колективните спомени на македонскиот народ за ликот и делото на Делчев. Неговата организаторска и револуционерна дејност, која е прикажана не само во историските податоци туку и во преданијата, оставила голема трага на овие простори. Првата посериозна научна студија за историските преданија за Гоце Делчев е напишана од Танас Вражиновски, кој со својата работа во минатиот век го има истрасирано патот на идните истражувачи. Студијата е објавена во големата книга со материјали од Симпозиумот одржан во 1972 година во Штип по повод 100-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во оваа епизода од нашиот фељтон продолжуваме каде што застанавме во претходното продолжение.
„Градот Солун е опколен од Турците. Секој кој сака да влезе во градот е подробно претресуван. Во тоа време пред портите на градот пристигнал и Делчев. Во врска со ова негово доаѓање во Солун постојат две слични преданија. Сличноста е во тоа, што тоа се случува во еден ист ден, на Велигден и начинот по кој Делчев влегува во градот. Се разликуваат само по поводот за кој Делчев пристигнал во Солун. Првиот случај е поврзан со веста која пристигнала до него според која, во Солун, падна решение за кревање на востание. Гоце, знаејќи, всушност, кои се главните иницијатори на едно вакво решение и што претставувала една ваква непромислена постапка за понатамошната борба на нашиот народ и за самата судбина на Македонија, побрзал да дојде во Солун, да ги убеди другарите за да го одложат востанието сè додека народот не се приготви добро и не се снабди доволно со оружје за да може успешно да се бори.
Вториот случај е поврзан со намерата да ослободи 34 лица од солунскиот затвор…
На Велипеток тој се облече со парталај алишта, во искинати опинци и зеде две кошници јајца. Едната кошница бели, едната кошница црвени. Пак во Солун клаена полицијата: што ќе влезит човек, да се претресит. Е сега сите ги претресват, ко дошле кај него, му велат по турски:
– А бре, ѓаур, многу јајца носиш?
– А бре, ефенди, таков ни е законот, како вие на Бајрам што колите овни така и ние на Велипеток носиме јајца по пријатели, по Турци, по каури. Адет ни е, да не го заборавиме. Бујрум, земите и вие по едно јајце, по две!
Турците, дури не ни го претресоа и тој слободно влезе во градот и се сретна со своите другари, според првото предание, а според второто, успева да ги ослободи 34-те затвореници од селото Цапари, кои потоа заедно со него заминале за Пирин Планина. Во врска со овој случај постои и една песна:
Нешчо ќе те питам, бабо,
право да кажеш,
кој сношти беше у вас на госје,
дали дедо Коло, или Толо Паше?
Не беше ни дедо Коло
ни Толо Паше?
беше првно Гоце Делчев
и Дамјан Груев
и вечераа и заминаа
за Пирин Планина
думата им беше:
Знаме да развиеме за Македонија!
Како во овој пример така и во оние што ќе ги наведеме подолу, песната се создава непосредно по настанот и служи како потврда на раскажаното, а исто така, служи и како потфат за вистинитоста на настанот за кој станува збор во преданието.
Делчев, беше несмирен враг и на социјалните насилници на нашиот народ – на беговите. Во врска со тоа постојат низа преданија кои ги илустрираат разните средби на Делчев со беговите во кои најде израз големата омраза кон нив. Ваквите преданија кај нашиот народ се мошне популарни и со големо задоволство се раскажувани и слушани. Ваквата популарност на овие преданија, пред сè, се должи на фактот дека народот гледал и наоѓал во нив израз на смелоста и храброста на својот водач. Бестрашниот Делчев ја имал смелоста да му се спротивстави на бегот, па, дури ако е потребно, и да го уништи, нешто што обичен човек од народната средина не би смеел да го помисли, а камо да го стори.
Ваквиот однос на Делчев кон овие социјални насилници на народот му импонирал и го наведувал да размислува за својата положба, дејствувал на селанецот да ја разбуди својата ропска душа и да му се спротивстави на бегот или да го убие. Во лицето на Делчев, народот наоѓал олицетворение на своите мечти и желби за кои скришум мечтаел. Поаѓајќи од ова, ќе сфатиме зошто народот создал толку такви преданија за Гоце.
Убаво облечен, во улога на трговец, ќе се јави кај марвинскиот бег за да купи метли. Бегот, мислејќи на добра заработка, ќе му ја изложи целата стока. Гоце ги превртувал метлите и барал од бегот сè пониска цена. Но на големо негодување на бегот, Делчев ќе купи само една метла, а за другите метли ќе му вети дека ќе наврати друг пат ’за да се пазарува и да ги купи‘.
Сведокот на овој настан, дедото Томе, ќе изјави дека овој подвиг на Гоце пред бегот многу го одушевил и го охрабрил и тогаш многу го засакал и ја поддржувал неговата револуционерна дејност, за слободна и независна Македонија.
Едно друго предание, пак, ни раскажува за средбата на Гоце со Џезим-бег, прочуен по големото богатство и белите што му ги правел на населението од струмичките села. Овие гласови достигнале и до Делчев. И решил тој да ѝ стави крај на ваквата дејност на бегот. Делчев прво го фатил најдоверливиот човек на бегот и го наговорил да среди за средба меѓу него и бегот. Беговскиот повереник успеал во тоа и во определеното време на договореното место пристигнал со бегот. Делчев, во меѓувреме, се качил на дрвото што било над чешмата каде што требало да се сретнат. Кога бегот дошол, забележал дека кобилата не сака да пие вода. Сенката на Делчев паѓала над водата. Забележувајќи го тоа, бегот се обратил кон кобилата:
Де мори, атице, што се плашеш, дан од Гоце Делчев, јас не се плашам, ти што се плашиш?
Одозгора се слушнал гласот на Делчев:
Чекај да видиме, кој се плаши, кој не!
Бегот се уплашил и почнал да бега, но другарите на Гоце скриени во близината го фатиле. Делчев слегол од дрвото и се приближил кон бегот велејќи му:
’Слушај ти, воа ти до денеска го праве што го праве, од денеска натаки не смееш да го правиш, инаку ако те фаниме друг пат, и ќе те фаниме, ако мислиш вака да работиш, да потурчуеш, да правиш бељи. Да знаеш кожата на растот ќе ти висе. Сеа те опроштаме, што си направил, си направил, ама сега ќе нарачаш ќе идат од и од дома или од дек имаш, двесте лири пари ќе донесиш тука‘.
Бегот, се разбира, ќе ги донесе парите, а Гоце ќе ги употреби добиените пари на таков начин пари за купување оружје.
На друго место ќе го видиме Гоце пак во улога на трговец од Солун, кој купува прчови и јалови кози од бегот во селото Дедели. Во Струмица на василевскиот бег ќе му се претстави како Евреин – трговец од Солун, претставник на една текстилна фирма, кој патува по селата со своите мустри, рекламирајќи ги штофовите на својата фирма. Делчев од бегот ќе добие двесте лири, затоа што му ветил да му ги достави избраните штофови за неговата продавница. Се разбира, дека и овие двесте лири ќе му послужат за купување оружје.
Посебно се интересни средбите на Делчев со Назлам-бег…“
М-р Никола Ристевски
(продолжува)
































