Фото:Христијан Мицкоски/Фејсбук

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во 11.30 часот ќе ја посети Општата болница во Гостивар, откако во изминатите денови повеќе од илјада граѓани побарале лекарска помош поради повраќање, дијареа и покачена температура. По посетата, предвидено е министерот да даде изјава за медиумите, пренесе МИА.

Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе привремена забрана за користење на водата од градскиот водовод во Гостивар, поради сомнение дека е загадена и небезбедна за пиење.

При вонреден надзор било утврдено дека во главниот цевковод без одобрение била поставена пумпа која директно внесувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем. Од АХВ соопштија дека забраната ќе остане во сила сè додека лабораториските анализи не ја потврдат безбедноста на водата.

Поради случајот, полициски инспектори од СВР Тетово, по налог на јавен обвинител, започнаа истрага за сомнение за кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено во Кривичниот законик.

Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, апелираше граѓаните да ја почитуваат забраната за користење на водата, но нагласи дека засега нема официјални медицински или лабораториски докази дека пријавените стомачни тегоби се директно поврзани со водата од градскиот водовод.

Тој информираше дека според редовните анализи на ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци биле во рамки на законски дозволените вредности, но по пријавата надлежните институции земале нови мостри за дополнително испитување.

Лимани ги повика граѓаните да останат смирени, да ги следат препораките на институциите и да не шират непроверени информации, додавајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш штом бидат познати резултатите од лабораториските анализи.