Повод: Развиорениот транспарент на Светското фудбалско првенство 2026 од страна на аргентинските фудбалски репрезентативци за одземената државна територија на Аргентина од страна на Британија и поврзаноста на настанот со Македонија
По фудбалскиот натпревар против репрезентацијата на Англија, аргентинските фудбалери на Светското првенство во фудбал во САД развија транспарент со натпис „Фолкландските Острови се аргентински“. Тоа одново ги разгоре политичките страсти поврзани со долгогодишниот територијален спор за Фолкландските Острови. Тензиите се зголемија и поради политичките изјави во пресрет на натпреварот. Аргентинската потпретседателка Викторија Виљаруел ги нарече Англичаните „пирати што присвојувале туѓа територија“, додека по победата сподели фотографии од аргентински војници од Фолкландската војна и повторно нагласи дека островите ѝ
припаѓаат на Аргентина. И само неколку часа по победата над Англија во полуфиналето на Светското фудбалско првенство, Буенос Аирес ја обвини британската морнарица за „нелегален упад“ во аргентинските територијални води. Така, Аргентина повторно го отвори спорот со Велика Британија околу освоените Фолкландски Острови
- Интернационализацијата на едно национално прашање не претставува политички каприц, туку легитимна и мирољубива стратегија за мобилизирање на меѓународната јавност околу принципите на Повелбата на Обединетите нации, самоопределувањето на народите и почитувањето на меѓународното право. И за нашата држава Македонија важи истото тоа
Постојат историски неправди што никогаш не застаруваат. Постојат окупации што не можат да се легализираат со текот на времето. И постојат народи што одбиваат да ја прифатат силата како замена за правото. Токму затоа, секој национален проблем што произлегува од колонијализам, окупација, империјална доминација или хегемонизам и уцена и ултиматуми од посилниот кон послабиот мора да престане да биде затворен во границите на една држава и да стане предмет на меѓународната совест.
Историјата покажува дека ниту една империја доброволно не се откажала од своите геополитички, економски или стратешки придобивки. Затоа, борбата на еден народ не смее да остане локален крик. Таа мора да се интернационализира – дипломатски, правно, културно, спортски, медиумски и политички – сè додека не стане прашање на меѓународниот правен поредок и на универзалната правда.
Империите не ја создадоа цивилизацијата, тие ги создадоа колониите
Колонијализмот не беше цивилизациска мисија, туку систем на политичка доминација, економска експлоатација и културно потчинување. Зад реториката за „напредок“ останаа уништени цивилизации, избришани идентитети, исцрпени природни богатства и милиони човечки судбини. Ниту неоколонијализмот не е суштински поинаков. Денес оружјето често е заменето со финансиски притисок, геополитичка зависност, контрола врз енергетските извори, трговските текови и врз стратешките ресурси. Тоа е сосема исто и во познати (наши) актуелни случаи на демонстрација на хегемонија или национална и културна, јазична и историска деноминација што ја прави силниот над послабиот. Можеби формите се менуваат, но логиката останува иста. Моќта се обидува да го претвори правото во сопствен инструмент. Ниту еден народ не смее да биде осуден да живее под сенката на туѓи империјални интереси. Ниту една територија не смее да биде третирана како геостратешки трофеј, а нејзините жители како статистичка категорија.
Интернационализацијата не е пропаганда – таа е стратегија на правдата
Ниту една голема историска неправда не била исправена со молчење. Борбата за суверенитет бара долгорочна стратегија, трпение и истрајност. Таа се води во меѓународните организации, пред судовите, во академските кругови, преку културната дипломатија, во медиумите, во спортот, во уметноста и во колективната меморија. Секоја можност е простор за потсетување дека правото не смее да капитулира пред притисоците и силата. Затоа, интернационализацијата на едно национално прашање не претставува политички каприц, туку легитимна и мирољубива стратегија за мобилизирање на меѓународната јавност околу принципите на Повелбата на Обединетите нации, самоопределувањето на народите и почитувањето на меѓународното право.

Јус когенс – границата што не смее да ја премине ниту една сила
Постојат принципи што стојат над интересите на државите и над дневната политика. Тоа се нормите на јус когенс – перемпторните правила на меѓународното право од кои не е дозволено отстапување. Нивната суштина е едноставна: силата не смее да биде извор на право. Суверенитетот, достоинството на народите, забраната на агресија и почитувањето на фундаменталните права не се предмет на политички пазар. Доколку меѓународниот поредок сака да ја зачува сопствената легитимност, тогаш овие принципи мора да важат еднакво за сите – без оглед на тоа дали станува збор за голема сила или за мала држава, за богат или за сиромашен народ. Современиот свет не смее да живее со двојни стандарди. Не може правото да биде строго за слабите, а флексибилно за моќните. Не може принципите да важат само кога се политички погодни. Секој народ има право на свој идентитет, своја историја, своја култура и свое достоинство. Тоа не е подарок што го доделуваат големите сили, туку универзално право што произлегува од меѓународниот правен поредок. Борбата против колонијализмот, неоколонијализмот и хегемонизмот не е борба против некој друг народ, туку е борба против политички практики што ја ставаат геополитичката корист над човековото достоинство и правната еднаквост.
Правдата е процес, не е момент
Историјата сведочи дека вистината често доцни, но не исчезнува. Народите што истрајно ги користат дипломатските, правните, културните и демократските средства ја одржуваат жива својата кауза и ја претвораат во дел од глобалната совест. Врховната победа не е во триумфот на силата, туку во триумфот на правото. Не во наметнатата тишина, туку во признаената вистина. Не во вечната доминација на империите, туку во афирмацијата на универзалните принципи што му припаѓаат на целото човештво. Додека постојат народи што се спротивставуваат на неправдата со истрајност, аргументи и со вера во меѓународното право, ќе постои надеж дека јус когенс нема да остане само правен поим, туку ќе стане жив израз на светскиот поредок во кој суверенитетот, достоинството и идентитетот не се привилегија на силните, туку неотуѓиво право на сите народи.
































