Фото: ДКСК

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во согласност со своите надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, редовно следи дали се почитува законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси, како и законската забрана за истовремено извршување повеќе функции кои, согласно со закон, се неспоиви, соопшти ДКСК.

– Имено, ДКСК, по последната проверка во административната алатка за електронско поднесување изјави за имотна состојба и интереси, утврди дека пет лица истовремено извршуваат две функции. Поради тоа, за овие лица ќе бидат оформени предмети, при што по утврдување на фактичката состојба, доколку се утврди дека се работи за неспоиви функции, од нив ќе биде побарано да се откажат од една од функциите што ги извршуваат. Истовремено, ДКСК ќе иницира прекршочни постапки за прекршок согласно со член 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив согласно со член 105 од истиот закон. Исто така, ја известуваме јавноста дека ДКСК, по извршената проверка на изданијата на „Службен весник на Република Северна Македонија“ за месец март 2026 година, како и по увидот во својата евиденција, утврди дека вкупно 38 лица, кои во текот на месец март 2026 година биле избрани, именувани или разрешени од функција, не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК во законски утврдениот рок – се вели во соопштението на ДКСК.

Оттаму додаваат дека против овие лица ДКСК ќе иницира постапки за сторен прекршок согласно со член 82 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив согласно со член 109 од истиот закон.