- Во време кога прашањата за моќта, политиката, манипулацијата и за одговорноста никогаш не биле поактуелни, „Кориолан“ нуди современ, динамичен и возбудлив сценски прочит на една од најзначајните трагедии на Шекспир. Со впечатливата актерска игра, минималистичкиот сценски израз и со исклучителната атмосфера на „Св. Софија“, оваа продукција ветува силно и незаборавно театарско доживување
Народниот театар – Битола со најновата претставата „Кориолан“ на Шекспир, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел, ќе гостува денеска во 20 часот под отворено небо, во магичниот амбиент на предворјето на црквата „Св. Софија“, како дел од програмата на „Охридско лето“. А следно ќе биде изведена на меѓународен фестивал во Верона.
– „Кориолан“ е дело што првпат се поставува на театарските сцени низ Македонија. Имаме една голема екипа што е подготвена да се соочи со предизвикот на македонска и светска премиера на „Кориолан“ – истакна на почетокот директорот на НТБ, Васко Мавровски.
Ова е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар – Битола – партнерство што низ годините донесе препознатливи и високооценети театарски остварувања.
– Јас сум и уметнички директор на фестивалот „Верона Фриндж“ и во разговори со моите колеги таму разговаравме за тоа кои претстави би сакале да ги имаме годинава на фестивалот и една од нив е претставата „Кориолан“. И јас лично изразив желба дека сакам да ја работам и дека сакам да ја работам со екипата на Народниот театар – Битола. Така, всушност, дојде до оваа соработка и сум среќен дека претставата се реализира со овие прекрасни уметници. „Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир, напишано е во 1608 година и е последната трагедија, всушност, што ја напишал – изјави режисерот Џон Блондел.
Целта на претставата, концептот, е да се нагласат актерските изведби во една жива претстава, но со минимални сценографски и костимографски решенија и идеи.
– Иако претставата зборува за Антички Рим, всушност за Рим пред Републиката, таа има одек и значење за сите наши современи политички ситуации. Кога размислував за концептот на претставата, се сетив на идејата на големиот филмски режисер Бергман, кој вели дека театарот постои во таканаречениот златен триаголник. Тој триаголник го сочинуваат актерот, текстот и публиката. Сите три елементи се еднакво важни. Мислам дека нашата поставка навистина ја изразува таа идеја на Бергман на прекрасен начин – додава Блондел.
„Кориолан“ не е само приказна за еден воен херој. Тоа е приказна за секое време во кое живееме. Ликот на Кориолан го игра Васко Мавровски.
– Најголем предизвик за мене беше понекогаш да ги соберам емоциите што ми доаѓаат додека го изговарам текстот. Тоа и го споделив со колегите во еден момент, дека ако барав драматург да ми напише таков текст, бидејќи она што го зборува Кориолан, јас го зборувам цел живот. Таа борба со вртикапите, со луѓето што ја злоупотребуваат моќта, бранителите што ги избркаа од своите држави. Сега зборувам во еден поширок контекст, но ако малку подлабоко размислите, тоа што и Џон го кажа, речиси како да е пишувано за овој турбулентен период во нашата 35-годишна историја. И бидејќи лично, приватно, бидејќи политиката е животот, а животот е политика, заедно сум учествувал во настани за кои сметам дека сум стоел на браникот на нашата држава кога се распродаваа идентитетот, знамето, името и слично. Ова што се случува во Кориолан пред речиси 400 години, се случува и денес. Не се борат за името, ама се борат за идентитетот, се борат за моќта, клучното прашање што Кориолан му го поставува на својот народ е: Како да ви се верува? Зашто денес сте тука, а утре сте на другата страна? Тоа е европска, американска, светска, човечка димензија. Понекогаш луѓето мора да преживеат. Веројатно во тоа време, кога за погрешен збор се губела глава, требало да бидеш многу снаодлив, многу побрзо да се префрлаш од едно на друго, во трето. И таму се споменуваат партиите, величањето на едните партии, газењето на другите што не им се по мерак, со закрпени опинци, што е голема навреда, но токму тие со закрпените опинци на крајот ги уништуваат владарите, политичките партии и така натаму. Силата сепак е во народот – вели Мавровски.
Во претставата играат и Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска, Сандра Грибовска Илиевска.
– Јас денес со оваа премиера славам еден мал голем јубилеј. Оваа ми е дваесетта улога во Шекспировите дела, што е навистина реткост на нашите простори и сум среќен што со Џон го правам тој јубилеј, затоа што така добив награда. Екипата е прекрасна. Работевме феноменално и мислам дека направивме нешто што е исклучително интересно, поинакво, кратко, а сепак интензивно од секаква гледна точка, посебно од психолошката – рече актерот Петар Горко.
Во време кога прашањата за моќта, политиката, манипулацијата и за одговорноста никогаш не биле поактуелни, „Кориолан“ нуди современ, динамичен и возбудлив сценски прочит на една од најзначајните трагедии на Шекспир. Со впечатливата актерска игра, минималистичкиот сценски израз и со исклучителната атмосфера на „Св. Софија“, оваа продукција ветува силно и незаборавно театарско доживување. Дизајнот на плакатот е на Михајло Димитриевски. Дизајн на светло: Џонатан Хикс. Светло-мајстор: Горан Петровски. Музика: Александар Димовски. Видео: Владимир Переловски. Инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска. С.Ј.































