ШАХ
- Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 го организира првото официјално првенство на Македонија за ветерани, кое се регистрира и бодува во Светската шаховска федерација
Одговарајќи на желбите на повеќе шаховски ветерани, Иницијативниот одбор на Шаховскиот клуб на ветерани (ШКВ) Скопје 72, единствен шаховски клуб што ги организира активностите на ветераните и постои повеќе од пет години, го организира првото официјално првенство на Македонија за ветерани, кое се регистрира и бодува во Светската шаховска федерација. Турнирот (награден фонд 114.000 денари) ќе се игра во просториите на „Негорски Бањи“ во Гевгелија, од денеска до 21 јули.
– Ги повикуваме шаховските ветерани на Македонија да се обединат и да покажат дека се сложни и уште можат да придонесат за развој на младите шахисти, а и да му помогнат на селекторот да ги одбере најдобрите за меѓународни натпревари. За здравјето на учесниците ќе се грижи медицински тим од бањата, а секој учесник може со упат од лекар да добие физикална терапија за време на престојот. Очекуваме голем број учесници и покрај тешката финансиска состојба на многу клубови – вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
Во Организацискиот одбор се ВМ Драгољуб Јaќимовиќ, Стошевски, ФМ Љубомир Хаџи-Манев, Борис Јованџиков и Влатко Бужаровски, директор на турнирот е Ѓорѓи Прошев, кој во минатото бил младински првак на Македонија и четврти во поранешна СФРЈ, а главен судија е Иван Кочовски.
– На првенството е поканет да присуствува и новиот претседател на Шаховската федерација на Македонија, Дејан Панделевски, кого ќе го запознаеме со активностите на нашиот клуб, многубројните одиграни турнири со забрзано и со брзо темпо, со материјалите и билтените што сме ги објавиле и тие што ги подготвуваме, со желбата да им го пренесеме своето големо искуство на помладите шахисти, за соработката и за мечевите со ветераните од други држави, што секако е за пофалба, со оглед на годините и финансиската состојба на нашиот клуб – рече Стошевски. Г.И.































