Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против една 18-годишна девојка, а за две малолетнички на возраст од 15 и 14 години е поднесено барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца при Основниот суд во Куманово, бидејќи заедно учествувале во дејствија на кривично дело – Насилство согласно член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– На 13 март годинава тие повикале девојче кое тогаш имало 13 години да излезе од дома со нив и ја убедиле да влезе во запуштена просторија во близина на спортскиот центар ” Соколана”. Таму жртвата грубо ја навредувале и физички ја нападнале, удирајќи ја по лицето и телото и ја либеле за коса. Насилството го снимале со телефон, а на нападнатото девојче му се заканиле по живот доколку каже некому за настанот. Јавното обвинителство, веднаш по објавата на видеото на социјалните мрежи презеде дејствија за обезбедување докази, а за полнолетната осомничена достави и предлог за определување мерки на претпазливост до надлежниот суд – задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со жртвата – информираа од ОЈО.