Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ за 2024 година, укажувајќи на сериозни неправилности во финансиското и оперативното управување.
Според ревизорскиот извештај, претпријатието се соочува со намалена ликвидност, тешко наплатливи побарувања, нерационално управување со залихите и сериозни проблеми со возниот парк.
Од вкупно 189 специјални комунални возила, само 76 се во функција, додека 80 се неисправни, а 33 се хаварисани. Тоа значи дека околу 60 проценти од возниот парк не може да се користи, а просечната старост на возилата изнесува 15 години.
Ревизијата утврдила и слабости во евиденцијата на недвижностите и инфраструктурните објекти, како и неевидентирана опрема во вредност од над 29 милиони денари. Дополнително, главнината на претпријатието, која потекнува од поделбата на ЈП „Комуналец“ во 1992 година, не е поткрепена со соодветна документација и не е запишана во Централниот регистар.
Особено загрижувачки се побарувањата од корисниците. Побарувања во вредност од 127,4 милиони денари имаат значително намалена или неизвесна наплатливост, делумно поради регистрација на корисници без соодветна верификација и без склучени договори.
Ревизорите констатирале и нерационално управување со залихите, при што околу 40 проценти од резервните делови се набавени уште во 2009 година и денес немаат реална употребна вредност.
Поради недобиена согласност за годишниот план за вработување, во текот на 2024 година претпријатието преку приватна агенција ангажирало 354 лица, за што биле исплатени над 185 милиони денари.
Извештајот нотира и неправилности во пресметката на платата на директорот, како и кај исплатата на прекувремена работа за административните службеници.
Финансиската анализа покажува дека претпријатието има обврски од речиси 737 милиони денари, што доведува до доцнење во плаќањата кон добавувачите, дополнителни камати и ризик од блокада на сметките.
ДЗР препорачува итна стратегија за обнова и модернизација на возниот парк, подобрување на финансиското управување, зајакнување на ликвидноста и поефикасна наплата на побарувањата. Препораките се доставени до надлежните институции и до раководството на претпријатието.
































