Шпанија и Франција играа меѓу себе во полуфиналето на ЕП 2024 / Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА РАЗВРСКАТА НА СП 2026

  • Полуфиналните натпревари се Франција – Шпанија вечерва (21 ч.) и Англија – Аргентина утре (21 ч.). Аргентина игра за својата четврта светска титула, Франција за третата, а Шпанија и Англија за вториот планетарен трофеј

На ред е полуфиналето на годинашното фудбалско Светско првенство (СП) во кое како ретко кога меѓу четирите најдобри се четири претходни планетарни шампиони, а првпат и четирите највисокопласирани репрезентации во светот, според ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Полуфиналните натпревари се Франција – Шпанија вечерва во Арлингтон и Англија – Аргентина утре во Атланта. Двете средби се од 21 часот. Аргентина, Шпанија, Франција и Англија влегоа во турнирот како првите четири на ранг-листата на ФИФА.
Аргентина игра за својата четврта светска фудбалска титула, Франција за третата, а Шпанија и Англија за вториот планетарен пехар. На оваа трофејна листа води Бразил со пет титули, а потоа се Италија и Германија со по четири, итн. Аргентина може да стане првата репрезентација што освоила две титули по ред, по Бразил, кој славеше на мундијалите во 1958 и во 1962 година.
Од 1990 година, полуфиналните двојки на светско фудбалско првенство не биле составени од претходни светски шампиони. И тогаш играа Аргентина (во тој момент две титули) и Англија (една), но не се сретнаа меѓу себе, а како и сега, Аргентина беше актуелен освојувач на титулата. Другите учесници во тоа полуфинале беа Италија (тогаш три титули) и Германија (во тој момент две титули), која подоцна го освои трофејот на тоа СП во 1990 година, што се играше во Италија.
Претходно само уште на Светското првенство во 1970 година во Мексико во полуфинале играа четири некогашни светски шампиони, кога двојките беа Уругвај – Бразил и Италија – Германија. Од нив во тој момент по две светски титули имаа Уругвај, Бразил и Италија, а една Германија. Трофејот на тој планетарен шампионат го освои Бразил.
Годинава може да се случи и нова реприза на финале на СП, и тоа на натпреварот за титулата на Мундијалот во 2022 година, ако Франција и Аргентина продолжат понатаму. Досега две исти селекции само еднаш меѓу себе играа во две финалиња во низа, во 1986 и во 1990 година, кога се сретнаа Аргентина и Германија, а тие две репрезентации играа за трофејот и на Светското првенство во 2014 година. Бразил и Италија, пак, двапати играа меѓу себе за светската фудбалска титула, на шампионатите во 1970 и во 1994 година.
Вечерва Франција и Шпанија повторно се среќаваат во полуфинале на голем турнир, само две години откако играа еден против друг на Европското првенство, а тие две селекции играа и во финалето на Лигата на нациите во 2021 година. Н.М.


И трката за „Златната копачка“ е возбудливо натпреварување

„Златната копачка“ стана возбудливо натпреварување на годинашното Светско првенство (СП), бидејќи многу од најефикасните фудбалери во светот се појавија во врвна форма, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Ерлинг Холанд можеби е надвор од трката, но пет од шесте најдобри стрелци уште се во игра, а други би можеле да се пробијат во трката за „Златната копачка“. Килијан Мбапе и Лионел Меси водат со по осум гола, Холанд има седум, но не може да додаде на таа бројка откако Норвешка беше елиминирана од Англија во четврт-финалето, Џуд Белингем и Хари Кејн имаат по шест, Усман Дембеле има пет, а Микел Ојарзабал постигна четири гола, пишува АП.
Истовремено, постои и натпревар за најдобар стрелец на сите времиња на светските фудбалски првенства, во кој Меси води со 21 гол, а Мбапе постигна 20 погодока. Н.М.


СП 2026, ПОЛУФИНАЛЕ

Франција – Шпанија 21 ч.
Англија – Аргентина утре, 21 ч.


ДОСЕГАШНИ ПЛАНЕТАРНИ ШАМПИОНИ

РЕПРЕЗ. ТИТУЛИ ГОДИНИ
Бразил 5 1958, 1962, 1970, 1994, 2002
Италија 4 1934, 1938, 1982, 2006
Германија 4 1954, 1974, 1990, 2014
Аргентина 3 1978, 1986, 2022
Уругвај 2 1930, 1950
Франција 2 1998, 2018
Англија 1 1966
Шпанија 1 2010

ПОЛУФИНАЛИЊА ВО КОИ ИГРАЛЕ
СВЕТСКИ ПРВАЦИ
СП 1970 Уругвај – Бразил, Италија – Германија
СП 1990 Аргентина – Италија, Германија – Англија
СП 2026 Франција – Шпанија, Англија – Аргентина