Филмот „Инклузија на дело – девојката со боите“ премиерно прикажан во Прилеп
Филмот „Инклузија на дело – девојката со боите“, посветен на талентираната девојка со аутизам Фиона Зајкоска, неодамна ја имаше својата прва проекција во градинката „Наша иднина“ во Прилеп.
Младата уметница Фиона Зајкоска своето рано детство го поминала во споменатата градинка, а сега како девојка со сликарски талент ги разубавува ѕидовите на установата.
Филмот е во продукција на Радио Пела од Прилеп, авторка, сценаристка и режисерка на документарецот е новинарката Елизабета Филипоска, техничката реализација е на Никола Димески, а компјутерската графика ја сработи Влатко Димески. Уредничка е Гордана Цветаноска.
– Со мојот тим сакавме да пренесеме порака дека локалните средини имаат многу убави приказни што би послужиле како корисна информација за поттик на луѓето и би биле пример дека никој не треба да се чувствува исклучено од заедницата. Секој од нас може да преземе мали, но значајни чекори за квалитетно општество. Целта беше да создадеме етичка, вистината и реална информативно-едукативна содржина, новинарска сторија што ќе влијае врз промена на ставовите и на однесувањата на луѓето во насока дека не сме и не можеме сите да бидеме исти, но можеме да ја менуваме културата на разбирање и да имаме поголема одговорност за она што нѐ опкружува – посочува авторката Елизабета Филипоска, инаку долгогодишна новинарка.
По прикажувањето на филмот, пред присутните свое излагање имаше специјалната едукаторка и рехабилитаторка м-р Гордана Иваноска, која го следи развојот на Фиона уште од нејзиното рано детство.
– Јас бев нововработена кога Фиона дојде во нашата градинка и работата со неа беше предизвик за сите нас. Таа беше хиперактивна и не комуницираше. Сите заедно, вклучувајќи ја и нејзината мајка, која е наша колешка, успеавме да го најдеме вистинското решение. Токму овој филм е показател за тоа. Боите и формите кај неа се одраз на нејзините емоции, нејзините соништа и доживувања. Преку својата голема љубов кон цртањето, Фиона го најде својот начин да се изрази и да се поврзе со светот – истакна стручната соработничка м-р Гордана Иваноска.
На премиерната проекција присуствуваше и главната хероина во филмот Фиона со својата мајка Александра Иваноска, а во публиката беа и повеќе воспитувачи, негуватели и родители, како и градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, и директорката на градинката „Наша иднина“, Биљана Петкоска.
Раководителката на градинката „Гоце Делчев“, Елеонора Костоска-Јованоска, која е учесничка и во самиот филм, истакна дека инклузијата е начин на живот и начин на функционирање, а не практика што треба да се спроведе.
– Инклузијата мора секој да ја живее за да може да ја разбере. Секој има право да припаѓа некаде и да биде исполнет во она што го работи. Тоа треба некој да му го овозможи – општеството, а општеството сме сите ние – посочи Костоска-Јованоска.
Идејата е филмот да стигне до што повеќе родители, воспитувачи и деца со цел да се разберат и да се применуваат неговите пораки.
Ф.Д.

































